Промоција на „Тешко ќе најдеш добар човек“ од Фланери О’Конор во превод на Румена Бужаровска

Во кафе-книжарницата „Буква“ вечерва во 20.30 часот ќе се одржи промоција на збирката раскази „Тешко ќе најдеш добар човек“ од Фланери О’Конор, во издание на „Темплум“. Ова е прва преведена на македонски јазик од Фланери О’Конор, една од најзначајните американски писателки и есеистки.
За книгата ќе зборуваат Румена Бужаровска, писателка и воедно преведувачка на книгата и уредникот на „Темплум“, Никола Гелевски. За книгата, Бужаровса вели:

– Секоја реченица кај О’Конор е експлозивна и повеќезначна. Нејзиниот јазик живописно го отсликува говорот на американскиот Југ – оттаму и предизвиците при преводот. Тоа е така бидејќи и покрај тоа што нејзините приказни се универзални, нивниот идиом е локален, типичен за Југот на Америка – и токму тоа им ја дава нивната богата неповторлива обоеност. Расказите коегзистираат во извонредна мешавина од комичното и сериозното, со што голем дел од ликовите и ситуациите наликуваат на гротески. Најголема заслуга за присуството на хуморот во нејзините дела е секако нејзиното извонредно чувство за деталите, како и сатиричната намера која е подлога на поголемиот дел од текстовите: неретко нејзината цел е да ја исмее неукоста, себељубието и себичноста на човекот – вели таа.

 

Сподели