Промоција на театролошка книга, „Лагата“ на МНТ во чест на Џиби и „Пчелите ќе умрат“ на „Ристо Шишков“

Книгата „Аспекти на камерниот театар“ од авторите Тодор Кузманов и Гоце Ристовски ќе биде промовирана денеска на пладне во Центарот за култура „Антон Панов“ во Струмица. За делото ќе зборува Јоана Шишкова, а промоцијата е во рамките на 31. Фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“.

Две претстави се вечерва на репертоарот на фестивалот. Македонскиот народен театар ќе гостува во 20 часот на сцената на театарот, со претставата „Лагата“ според текст на францускиот писател Флоријан Зелер, во режија на Бесфорт Идризи. Улогите ги толкуваат: Јордан Симонов, Габриела Петрушевска, Оливер Митковски и Драгана Левенска. Изведбата ќе биде во чест на Крсте С. Џидров, сценографот кој беше голем пријател и соработник на МНТ. „Лагата“ е неговата последна сценографска креација за овој театар. Тој од 1984 до 2022 е автор на сценографии за 12 претстави во МНТ.

Во 22 часот на својата сцена ќе игра ансамблот на струмичкиот театар со претставата „Пчелите ќе умрат“ според текстот на руско-полскиот драмски писател Иван Вирипаев, во режија на Драгана Таневска.Во претставата играат: Ангелина Тренчева – Ангелова, Танкица Стојанова и Игор Тодоров.  Оваа претстава е работена во копродукција со Фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“. Целта на соработката е да се искористи мрежата на Нета и претставата да може да посети повеќе фестивали и театри во регионот и Европа.
Претставата е препорачана за лица над 16 годишна возраст.

Сподели