Во галеријата Чифте амам во Старата скопска чаршија вечерва во 19 часот ќе се одржи промоција на книгата „Субјект(ивна) политика“ од Артан Садику. Книгата е издание на „Контрапункт“ во рамките на својата едиција за критичка теорија, политичка филозофија и современа култура „Пунктум“, а со промоцијата ќе заврши 7. издание на Фестивалот за критичка култура КРИК.
Промоцијата ќе биде во формат на дијалог помеѓу Артан Садику и Славчо Димитров, теоретичар во сферата на критичката теорија, родовите и квир наративите. Во својата книга „Субјект(ивна) политика – кон ново поле на политичкото“, тој преку премислување на основните политички парадигми на денешницата се соочува со предизвикот да се изнајдат одговори на епистемиолошките и онтолошките прашања кои се поврзани со процесот на субјективизацијата, со актот на препознавање на вистинскиот настан, со предизвикот на субјективно отклонување од системското наложување, преку воспоставувањето на ново поле на политиката.
Садику е истражувач, теоретичар и активист, доктор по филозофија. Негови примарни научни интереси се теориите на субјектот, феминизмот, радикалните пракси во политиката и уметноста. Студирал и истражувал во универзитетите во Минхен, Балтимор, Осло и Амстердам. Редовен соработник е на регионални и меѓународни списанија како Le Monde Diplomatique, Journal Identities и Bilten. Неговите последни текстови се однесуваат на просторот за уметноста во општеството и естетската форма на работниците.