На платото на Младинскиот културен центар во Скопје утревечер во 19 часот ќе се одржи промоција на стихозбирката „Сонцестој“ од Катерина Гогова. Промоторка и рецензентка на книгата е Снежана Стојчевска, а стихови ќе читаат ќе читаат Биљана Стојановска и Елена Митреска. Ова е трета стихозбирка на Гогова.

Во критичкиот осврт Стојчевска го објаснува Сонцето како појдовна, но и централна тема во оваа книга, кое е всушност инструмент со кој се мери течението на времето. За сонцестој како природна појава вели дека е мотив од кој произлегуваат двата циклуса во книгата: првиот најкусиот ден во годината „Темницата стои на другата страна“ и вториот „Најдолгиот ден: копнеж за полноќно сонце.

– Успешно и вешто ги користи игрите на зборови, ритамот и римата. Нејзината поезија има музика во себе, што може да се види од стиховите на најубавата љубовна, а за мене и антологиска песна во оваа книгата „Љубовна“ /за навек си ми,/ паднат архангел/ во огнено тело,/ паган,/ ѕемнеш во слободен пад,/ на небото глад/ за згаснати месечини./… /моите темни зеници/ во твоите очи без сјај,/ дом без адреса,/ верба без бог,/ чиста надеж,/ реликвија./. Во книгата може да се забележи влијание од истокот, поточно од Кина, не само во песната посветена на Пекинг, туку и во самата поетика која има медитативна, смирувачка моќ и мудрост на старите кинески поети и филозофи, пред сè во песните посветени на нејзината сестра која живее таму. Овие песни, полни со мајчинско-сестринска љубов, се всушност најлиричните во книгата. Тоа може да се почувствува во стиховите /Два спротивни краја/ на светот/ тивко си подаваат /бистра вода/ во дланки на/ жени скитнички / (Таа спие) како и во стиховите /Моите гради ти се дом,/ спиј, времето го течам јас./ (Мајчинска). Впечатливи се и неколкуте песни посветени на нејзиниот татко кои ја покажуваат таа нераскинливо силна конекција татко-ќерка – вели Стојчевска.

Катерина Гогова е авторка на стихозбирките „Актите се кастрирани“ (Современост, 2018) и „Пад во немирна вода“ (Дом на култура „Кочо Рацин“, 2018) со која станува десетти носител на признанието „Бели мугри“ за 2018 година кое го доделува Домот на културата „Кочо Рацин“ во Скопје.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.