Промоција на сликовницата „Луна и Темнината“ од Зорица Николовска со илустрации на Иван Најденовски ќе се одржи денеска напладне во кафулето „Мартини“ во скопската населба Лептокарија. Промотор е проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска. Книгата е издание на „Светулка“.
Според Мојсова-Чепишевска, сликовницата може да се чита и како мал мит и како голема сказна.
– „Луна и Темнината“ му ја отвора вратата на детето-слушател, но и на детето-читател кон растењето преку личното спознавање и зашто му дава некои одговори за појави и емоции кои тоа не може да си ги објасни. И тоа дете преку оваа приказна на Николовска засилена со илустрациите на Најденовски без напор може да се идентификува со Мартин. Низ самото поигрување на денот и ноќта, на светлото и темното, на будното и заспаното, на Луна и Темнината му овозможува на детето-слушател, но и на детето-читател да ги изгради и првите претстави за светот, за односите во природата и во вселената, за тоа во што верува, но и за тоа во што не верува, и, секако, за тоа што сака или од што стравува – вели Мојсова-Чепишевска.





