Промоција на „Што виде бубамарата?“ на Румена Бужаровска и Јана Јакимовска

Сликовницата „Што виде бубамарата?“ на Румена Бужаровска и Јана Јакимовска денеска во 13 часот ќе биде промовирана во кафе-книжарница „Буква“ во центарот на Скопје. Книгата е издание на „Шудна шума“. Ова е прва книга за деца на Бужаровска и нејзин прв ко-авторски проект со уметницата Јана Јакимовска. Иако првенствено наменета за деца, сликовницата со „стихувани сказни“ е подеднакво интересна и за возрасните, кои ќе се насмеат кога ќе ги препознаат ликовите и ситуациите со кои често се сретнуваат во секојдневието.
– Еден ден малата бубамара решава да направи нешто убаво за себе и тргнува на пат низ целиот свет. Шетајќи низ шаренолики предели, сведочи случки на различни чудни ѕверки. Ајкули, питони, лами и морски ѕвезди – откријте и сами каков е тој чудесен свет што го запознава бубамарата! – велат издавачите.
Соработката на Бужаровска и Јакимовска, пак, во стихови изгледа вака:

Румена и Јана се другарки прави
со еден мозок во две глави.
Цел живот прават глупости разни,
а сега склопија стихувани сказни.
Родени се далечната осумдесет и прва,
ги знаат магарето, творот, а и два-три црва.
Румена вежбаше клавир, Јана балет,
а сега двете се професорки на факултет.
Едната пишува, другата слика,
па така се роди и оваа книга.

Во рамките на промоцијата ќе се одржи и мала креативна работилница за деца со цртање и боење. Настанот ќе се одржи според сите протоколи и актуелни мерки за заштита од ковид-19, според кои ќе може да се присуствува само со сертификат за извршена вакцинација, односно применa најмалку една доза вакцина или сертификат за прележан ковид-19 во изминатите 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето. Мерките важат за сите лица над 18-годишна возраст.

Сподели