Промоција на новото издание од областа на етнологијата и антропологијата, „Шпагети и ајвар: транслокално секојдневие на муслиманите во Македонија и Италија“ од д-р Каролина Бјеленин-Ленчовска ќе се одржи задутре (28 ноември) во 12 часот во просториите на Институтот за етнологија и антропологија при Природно-математички факултет во Скопје (долна зграда). Книгата првенствено е објавена на полски јазик во 2015 година, а сега излегува и во превод на македонски на самата авторка. Уредник на изданието е на проф. д-р Ана Ашталковска-Гајтаноска, a издавач е Македонското студентско етнолошко друштво (МСЕД). Делото ќе го промовира проф. д-р Љупчо Ристески.
– Бјеленин-Ленчовска од Институтот за славистика при Полската академија на науките врши теренски истражувања во Македонија од 2006 година, претежно во Река и во Центар Жупа. Во овој регион печалбата освен што е традиционална определба на населението, во актуелните околности е речиси нивен единствен избор. Како што вели самата, овие места опстануваат благодарение на работната миграција, додека мнозинството од населението постојано живее во Италија. Затоа нејзиниот „терен“ се преместува и во Равена и во Фонте, Италија, каде што вообичаено мигрираат муслиманите со македонски мајчин јазик од Река – велат од Институтот за етнологија и антропологија.
Етнографскиот увид во двата амбиента (Македонија и Италија) нуди живописни претстави за главната тема на книгата. Во неа преку антрополошките концепти за мобилноста се анализира мигрантското искуство, особено разликите во однос на родовата и меѓугенерациската перспектива и начините на кои се менуваат искуствата на луѓето во зависност од тоа колку долго живеат во странство и колку се интегрирани во општествено-културниот контекст на земјата-домаќин.





