Книгата „Седумте Некоиси и седумте македонски композитори“ од авторите Бистра Георгиева и Александар Трајковски, со илустрации на Наталија Лукомска ќе биде промовирана денеска в0 18 часот во промо-центарот на Саемот на книга во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје. Книгата го освои првото место во категоријата „Најдобра книга за деца “ и трето место во категоријата „Најкреативно издание“ меѓу два саема на книга – награди кои ги доделува Македонската асоцијација на издавачи. Веднаш по промоцијата, авторите ќе потпишуваат примероци на штандот на „Чудна шума“.
– Едноставно, тие не беа од оваа планета, ниту беа дел од оваа книга. Никој не знаеше од каде и кога се појавија. Ја отворија корицата, влегоа набрзина и без никакви расправии секој си влезе во различно поглавје од книгата.
Во книгата имаше седум поглавја, а тие беа седум. Седумте Некоиси.”
Книгата е наменета за децата од училишна, но и предучилишна возраст. Преку необична и весела приказна за седумте Некоиси, децата ќе се запознаат со седум македонски композитори и со основните музички поими. На крајот од книгата е сместена и „Мала музичка енциклопедија“.
Првото место во категоријата „Најдобра книга за деца“ комисијата го доделува на книгата „Седумте Некоиси и седумте македонски композитори“, затоа што станува збор за најдобар спој на текст и илустрации од сите номинирани изданија, стоеше во образложението.
– Приказната на многу необичен и креативен начин ги внесува децата во световите на седум македонски композитори, децата низ книгата учат музички поими и сето тоа е издизајнирано така што деловите се одделени со различни бои и со посебни насловни страници, а илустрациите на Лукомска на книгата ѝ даваат посебна живост и динамика.