Во Младинскиот културен центар во Скопје вечерва во 20 часот ќе се одржи промоција на романот „Вошицки“ од Марко Грегур од Хрватска. Промотор на книгата е Сашо Огненовски кој ја преведе на македонски јазик, а модератор на разговорот е Јулијана Величковска.
– „Вошицки“ е роман за бескрајот на страдањето на човекот чиишто книги останале како дел од вечноста. Винко (Винценц) Вошицки, натурализиран Чех во Копривница во виорот на турбулентната историја на првата половина од 20 век го живее проклетството на печатарот, на оној што ја документирал историјата што секогаш и со голема сила го удирала и се обидувала да го уништи. Во неговиот животен пат, сјајно раскажан од Марко Грегур, ја препознаваме целата мачнина на политичките пресврти, го вкусуваме горчливиот вкус на трагичната вина на човекот чијашто благородност е епохална – велат организаторите.
Романот е добитник на наградите „Фриц“ и „Владимир Назор“ во 2020 година. Марко Грегур (Копривница, 1982) дипломирал на Економскиот факултет во Загреб, додипломски студии за односи со јавноста и медиуми на Универзитетот за односи со јавноста и студии за медиуми во Каирос (ВЕРН) и постдипломски студии по меѓународни односи и дипломатија на колеџот за меѓународни односи и дипломатија Даг Хамарскјолд. Пишува поезија и проза. Добитник е на повеќе награди.