Во киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар во Скопје вечерва во 20 часот ќе се одржи промоција на романот „Тегли“ од Јордан Коцевски, во издание на „ПНВ Публикации“. Промотор на делото е Мерсиха Исмајлоска, а модератор на настанот е Јулијана Величковска.

– „Тегли“ на Коцевски е освежување во домашната книжевна продукција. Прво затоа што се работи за редок суб-жанр кај нас ‒ трилер и хорор, а потем и самата интригантна приказна што се развива по принципите слични на стрипот. Забележливо е и влијанието на големиот мајстор на хоророт Стивен Кинг, а би било одлично и доколку ова дело добие и филмска адаптација – вели Исмајлоска.

Според Величковска, ова е книга за отфрлените, за одметнатите, за гнилежот на системот, за криминалот во сите негови нијанси, сѐ до најсвирепите ужаси на кои е способен човекот, за корумпираноста на институциите, за жртвите на семејното насилство, за луѓето што ја преземаат правдата во свои раце, за пријателството и за љубовта.

Јордан Коцевски (1983, Охрид) докторирал на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид. Работи како туристички водич, додека се обидува да го остави својот печат и како писател. Првата книга, збирката раскази „Време за живеење“ ја објавил во 2001 година. Неговата стрип антологија во коавторство со Дарко Богданов, „Мрак Хумор Тишина“ излезе од печат во 2014, а со истиот илустратор ја издаде и првата графичка новела „Витези од соседството“, две години подоцна.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.