Промоција на публикацијата „Мапирање на супкултурите“

Во Социјалниот центар „Дуња“ во Скопје вечерва во 19 часот ќе се одржи промоција на публикацијата „Мапирање на супкултурите“, што ја иницираше Одделението за едукација на „Манифеста 14“ и која помогна да се расветли природата на супкултурните движења во Приштина, Скопје и Тирана. Автори на истражувањето во Скопје се Артан Садику и Ѓорѓе Јовановиќ, а е спроведено во рамките на 14. издание на биналната Манифеста во партнерство со Термокис од Приштина. Во рамките на промоцијата ќе биде прикажан документарниот филм „Скопје: Вовед во движење одоздола“, а концерти во живо ќе одржат Марија Каева и „40ес дена“.

– За да се реализира ова истражување, неопходно беше да се разбере поширокиот социо-политички контекст во регионот после 90-те години, период на големи културолошки и економски транзиции во Скопје, Приштина и Тирана, период на големи надежи, но и разочарувања. Супкултурните движења во овие три града беа анализирани првенствено преку истражување на независните простори и луѓето што ги придвижуваа алтернативните визии за културата и неформалното образование во 90-те, 2000-те и 2010-те години. Ова истражување нема цел само да даде преглед на независната културна сцена во овие градови, туку да ги инспирира младите да се осврнат назад кон историите, практиките и процесите на современата култура и организациите во заедницата – велат авторите.

Во Скопје истражувачкиот тим анализирал супкултурни движења во два периода: движења, групи и манифестации што се случувале во социјалистичкиот период, обично фокусирани на слободата на изразување и иницијативи што се појавија при обновата на капитализмот и повторната традиционализација на балканските општества во 2000 и 2010-те години.

– Истражувањето се фокусираше на разбирање на предусловите што ги создадоа неинституционалните, не-мејнстрим културни движења, како и нивното влијание. Истражувачкиот процес во сите три градови опфаќаше подготвителна архивска работа, како и огромен број на интервјуа, кои потоа прераснаа во јавни настани и објавување на списание. Сакаме искрено да се заблагодариме на тимот истражувачи во Приштина, Тирана и Скопје, како и на Истражувачкиот клуб и тимот на „Термокис“, кои учествуваа во оваа публикација – велат авторите.

Сподели