Промоција на стихозбирката „Празно место“ од Снежана Стојчевска во Охрид

Во КИЦ 365 во Охрид вечерва во 19 часот ќе биде промовирана стихозбирката „Празно место“ од Снежана Стојчевска. Ова е нејзина шеста поетска книга, а издавач е „Современост“. За книгата ќе говори поетесата Марина Икономова-Шокева, а организатор на настанот е здружението „Креативна верига“. Автор на корицата е Калин Маловски. Книгата беше промовирана во Скопје, во ноември минатата година.

Според рецензентката Љупка Антеска стихозбирката ги надминува високите поетски очекувања.
– Поезијата на Стојчевска пулсира со огромна страст, длабок сензибилитет, а сепак гради ненаметливи нишки на едно секојдневие. Кога би требало да ја споредиме со боја, веројатно би рекле дека е „темноцрвена“, елегантна, дискретна, топла, дозирана до совршенство. Тоа не е лесно да се направи со зборовите како единствено оружје, а на поетесата ѝ успева… – вели Антеска.

Снежана Стојчевска (1980) дипломирала на Институтот за педагогија при Филозофскиот факултет во Скопје. Застапена е во повеќе антологии и книжевни списанија. Ги има објавено следниве книги: „Шеќер по подот“ (2012, ИЛИ-ИЛИ), „Под нулата“ (2013, награда „Бели мугри“ што ја доделува Домот на културата Кочо Рацин – Скопје), „Модри фантазии“ (2015, Темплум), „Треба да е лесно“ (2017, Антолог), „Ќе се завијам во песни“ (2019, МИ-АН) и „Празно место“ (2022, Современост).

Од почетокот на 2018 година е ангажирана како извршен уредник на списанието за литература, култура и уметност „Современост“. Истата година станува дел од европската платформа „Версополис“. Во 2019 г. се јавува како приредувач и уредник на арт-панорамата „Допир“, во издание на Арт Еквилибриум, Гевгелија. Член е на Друштвото на писателите на Македонија. Беше дел од организацискиот одбор на првото издание на Скопскиот поетски фестивал (2021). Од април 2022 година ја извршува функцијата директор на Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје.

Сподели