Промоција на поетската книга „Додека спиеш“ од Биљана Стојановска

Во кафе-книжарницата „Буква“ во Скопје вечерва во 20 часот ќе се одржи промоција на книгата „Додека спиеш“ од македонската поетеса Биљана Стојановска. Ова трета поетска збирка на авторката, a прва во издание на „Чудна шума“. Дизајнот на корицата го изработи Хари Дудески.

Промотор ќе биде писателката Билјана Црвенковска, стихови ќе интерпретираат Ана Голејшка-Џикова, Долорес Атанасова-Лори, Снежана Стојчевска и Елена Митреска. Поетскиот перформанс ќе биде придружен од музичката трупа „ВИС Тркалезна маса“ (Владимир Мартиновски, Васко Марковски, Владимир Лукаш, Toма Димовски, Душан Кировски, Деан Шкартов).

– Стојановска умее со природноста на Господинов да напише стихови за празнење на цревата и тоа да биде поетично. Умее во песните да даде неочекуван пресврт или ефект на изненадување, но умее и од реалност незабележливо да нè внесе во бајка и да нè воодушеви со магичниот реализам. Да ни раскаже приказна за камионот со сладолед и за вкусовите на летото среде зима, но и да нè тресне од сивиот бетон и да нè врати во реалноста на болничките соби каде што луѓето се обидуваат да си го вратат достоинството и да си ја задржат главата на рамена – вели Снежана Стојчевска во рецензијата за книгата.

Во рамките на промоцијата премиерно ќе биде промовиран и кус поетски филм, директно инспириран од книгата „Додека спиеш“, чиј автор е српската актерка и поетеса Валентина Бактијаревиќ. Главна актерка во филмот е српската уметница Сузана Вуловиќ, која живее и работи во Лондон, стиховите ги интерпретира поетот Ѓоко Здравески, а музиката е на уметникот Владимир Лукаш.

Биљана Стојановска е родена 1984 година. Дипломирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на отсекот за македонска книжевност и јужнословенски книжевности.

Во 2015 година ја објави нејзината прва збирка поезија „Зборовите немаат значење“ во издание на „Антолог“. Добитник е на книжевната награда „Тодор Чаловски“ за 2017 година за книгата „Стан што се распаѓа“ (2018, „Галикул“). Нејзината поезија е преведена на англиски, германски, кинески, српски, полски, словенечки јазик, а застапена е и во повеќе списанија за литература и антологии.

Сподели