Во присуство на повеќе гости од дипломатскиот кор, од јавниот и од културниот живот, меѓу кои и духовниот водач на бектешите Баба Монди, во Македонскиот културно-информативен центар во Тирана се одржа промоција на романот „Осмото светско чудо“ од македонскиот писател и поранешен дипломат Јордан Плевнеш. На промоцијата, која помина во пријатна атмосфера, пред присутните говореше деканот на Академијата „Маруби“ од Тирана, Кујтим Чашку.
– Ова е роман кој не е значаен само за македонската литература, туку многу повеќе за албанската современа литература и за целиот денешен европски свет – рече Чашку.

Книжевниот критичар Бен Андони, пак, правејќи споредба со делото „Хазардски речник“ од Павиќ, романот на Плевнеш го спореди со повеќе значајни дела од балканската литература. За романот говореа и Хаќиф Мулиќи, драматург и уметнички критичар, и Агим Пољоска од Филололошкиот факултет во Скопје, кој е преведувач на романот.

Извадоци од романот цитираа актерите Џоана Карај од Универзитетот на уметностите во Тирана и Лаерти Васили, еден од најпознатите актери од Националниот театар во Тирана. Јордан Плевнеш е познат писател со меѓународна репутација, автор на повеќе театарски драми објавени и изведени во над 50 земји во светот. Атмосферата беше надополнета со настапот на дел од членовите на музичкиот состав „Тирана – Тирона сите ѕвезди“.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.