Промоција на монографијата „Газанфер Бајрам“ во МАНУ

Во Македонската академија на науките и уметностите денеска во 12 часот ќе се одржи промоција на монографијата „Газанфер Бајрам“. Присутните ќе ги поздрави академик Љупчо Коцарев, претседател на МАНУ, а промотор на монографијата е академик Влада Урошевиќ, секретар на Oдделението за уметност во Академијата.

Бајрам е роден во 1943 година во Приштина. Основно и средно образование завршил во Скопје. Во 1967 завршил Виша педагошка школа во Приштина. Од 1967 до 1971 работел како наставник по ликовно воспитување во основното училиште со настава на турски јазик „Тефејуз“ во Скопје. Во 1974 година завршил Академија за ликовни уметности во Белград во класата на акад. Младен Србиновиќ. Истата година се запишува на постдипломски студии (на Академијата во Белград) на Отсекот за монументално сликарство под менторство на проф. Божа Продановиќ и пом завршените студии се стекнува со звањето магистер.

Специјализира фреско-сликарство и мозаик. Како стипендист на италијанската влада бил на двогодишна специјализација на Отсекот за мозаик на Академијата за убави уметности во Равена (1981–1983). Во 1983 година се враќа во Скопје и од 1985 година работи како професор во Училиштето за применета уметност „Лазар Личеноски“ во Скопје. Од 1983 до 1990 година е ангажиран како сценограф и костимограф во повеќе театарски претстави во театрите во: Скопје, Куманово, Штип, Битола и надвор од Македонија, во Дубровник, Риека, Бања Лука. Работел и како сценограф на телевизиски емисии на МТВ.

Има учествувано на бројни самостојни изложби во земјата и во странство. Автор е на неколку монументални мозаици. Член е на ДЛУМ од 1983, Член е на AIMC и на Извршниот одбор на оваа асоцијација во повеќе мандати, на Европско друштво за култура, S.E.C. (Societé Europeene de Culture) со седиште во Венеција, на асоцијацијата Mosaico Oggi во Рим и основач и претседател на Здружението на мозаичари од Скопје.Членувал во уметничкиот совет на колонијата во Денизли, Турција, во Кичевската ликовна колонија и е претседател на колонијата во Сапанџа, Турција. Основач е на Одделот за мозаик во рамките на Меѓународната струмичка ликовна колонија. За член на Македонската академија на науките и уметностите е избран на 4 јуни 2012 година. Од 2016 е секретар на одделението за уметност при МАНУ.

Сподели