Промоција на монографија за октомвриските фестивали на народни игри и песни

Во Музејот на македонската борба денеска во 12 часот ќе се одржи промоција на книгата „Октомвриски фестивали на народни игри и песни во Битола, Штип и Скопје (1947-1952)“ од доц. д-р Наташа Диденко. Промоцијата се одржува во рамките на манифестацијата „Есенски музички свечености“, а промотор на книгата е проф. д-р Билјана Ристовска-Јосифовска.

Изданието е прво монографско претставување на фолклорните фестивали, организирани по повод одбележувањето на важниот меѓник познат како „Денот на востанието на Македонија“ или „Денот на народното востание на македонскиот народ“, но и како државен празник „11 Октомври“.

– Во современата македонска држава биле организирани како први музички фестивали од областа на фолклорното творештво во 1947 година во Битола и Штип, а од 1948 година се одржувале во Скопје. Според досегашните истражувања, не постојат многу информации за овие фестивали кои во суштина се стожерот за формирањето на идните културно-уметнички манифестации низ земјата. Затоа монографијата е обид да се проследи развојот на Октомвриските фестивали на народни игри и песни од 1947 до 1952 година за пошироката и научната јавност да добијат поконкретни податоци, но и да се запознаат со континуитетот и значењето на овие фестивали – вечат организаторите.

Сподели