Се работи за книга на еден од најзначајните режисери во историјата на филмската уметност, напишана пред самиот крај на неговиот живот, во Мексико, со помош на францускиот писател и сценарист Жан-Клод Кариер, негов постојан соработник
Автобиографијата „Мојот последен здив“, на големиот шпански режисер Луис Буњуел, преведена на македонски јазик, утре во 12 часот ќе биде промовирана во Кинотеката на Македонија. Книгата ќе ја промовираат историчарот на уметност и заменик-амбасадор во амбасадата на Шпанија, Ернесто Eредеро дел Кампо, проф. д-р Иван Џепароски од Филозофскиот факултет при УКИМ и доц. д-р Атанас Чупоски, советник-филмолог во Кинотеката и професор на Факултетот за филмски уметности при Универзитетот „Еуропа Прима“, кој воедно е автор на предговорот. Уредник на изданието е директорот на Кинотеката, Владимир Љ. Ангелов, преводот од англиски јазик е на Марија Цветковска, лектурата на д-р Сузана В. Спасовска, а дизајнот на м-р Игор Сековски. Издавањето на книгата е овозможено благодарение на Шпанската агенција за меѓународна соработка и развој (AECID) и Амбасадата на Шпанија во Македонија.

Владимир Ангелов
Се работи за книга на еден од најзначајните режисери во историјата на филмската уметност, напишана пред самиот крај на неговиот живот, во Мексико, со помош на францускиот писател и сценарист Жан-Клод Кариер, негов постојан соработник, косценарист на сите филмови од последната, „француска“ етапа во кариерата. Ангелов вели дека Кинотеката 2022 година ја завршила сп рекорд во својата издавачка дејност. Покрај традиционалниот „Кинопис“, објавени се три книги, една на домашен автор – Атанас Чупоски и две преведени – Дина Јорданова со „Филмот на другата Европа“ и Буњуел со „Мојот последен здив“.
– Промоциите на делото на Јорданова и на „Кинопис“ допрва треба да се случат. Автобиографијата на Буњуел за мене е важен литературен запис, а не само исповед на еден од најголемите филмски режисери. Во неа тој, низ една нему својствена наративна форма, раскажува делови од неговите живот, уметност, филозофија, страсти, стравови… Но, тоа е и книга за историјата, политиката и пред сè војната. Книгата ја читав во детството, на српски јазик, и нејзиното македонско издание е остварување на еден детски сон и затоа сум многу благодарен на Амбасадата на Шпанија за помошта за издавањето на оваа книга – вели Ангелов.
Автобиографијата е поделена на дваесетина хронолошки подредени поглавја одделени со наслови. Првпат е објавена на француски јазик во Париз, во 1982 година, нецела година пред смртта на Буњуел. Специфично за делото е Буњуел многу често употребува множина, како да зборува во името на целата своја генерација што студирала на универзитетот во Мадрид во 1927 година, или генерацијата на надреалистите во Париз, неколку години подоцна или генерацијата на републиканците во времето на Граѓанската војна.
– Тоа не е случајно затоа што книгата, иако е лична исповед на еден исклучителен човек и голем уметник, истовремено претставува и многу интересно документаристичко и историско сведоштво за цела една епоха, која се протега речиси преку целиот 20 век. Во неа постојано се испреплетуваат исечоците од животот и сеќавањата на драматичните историски настани, со сеќавањата поврзани со творештвото, со филмовите – со еден збор, во неа, разбирливо, постојано се испреплетуваат животот и филмот – пишува Чупоски во предговорот на изданието.





