Kнигата „Милчо за Манчевски“, чиј приредувач е вонр. проф. д-р Атанас Чупоски, ќе биде промовирана вечерва во 19 часот во Кинотеката на Македонија. Промотори на изданието се проф. д-р Славица Србиновска, м-р Татјана Ќурчинска-Пепељугоска и филмскиот критичар Златко Ѓелески. По промоцијата, ќе биде прикажан филмот „Прашина“, кој во 2001 година го отвори Филмскиот фестивал во Венеција.
Книгата претставува обид да се опфатат многубројните аспекти од животот и работата на Милчо Манчевски, еден од нашите најнаградувани и во светски рамки најреномирани македонски филмски автори – почнувајќи од деновите на неговата младост поминати во родното Скопје, па до денес, пишува Чупоски.
-Опфатен е раниот интерес за театарот и филмот, студиите на филмска академија во САД, почетоците на филмската кариера, педагошката дејност во Њујорк, односот кон политиката и политичарите итн. – и сето тоа надополнето со исцрпна анализа на начинот на продукција, условите за работа, реализацијата, соработниците, режисерската експликација и филмолошката анализа, дистрибуцијата, фестивалите, успехот или неуспехот на седумте негови долгометражни играни филмови и сите останати кусометражни филмови, како и други пројави на неговата творечка личност“, пишува во предговорот Чупоски.





