Двојазичната сликовница „Какво е времето таму горе“/Wie ist das Wetter da oben?“ на авторките Леона Стојковска и Јулијана Росоклија, а во издание на „Чудна шума“, ќе биде промовирана вечерва во 18 часот пред „Училница“ на Мал плочник зад Соборниот храм во Скопје. Организаторот најавува дружба со 12-годишната Леона Стојковска, авторка на сликовницата и илустраторката Јулијана Росоклија. За делото ќе зборува и Билјана С. Црвенковска, основач на „Чудна шума“.

Сликовницата е полна со интересни, хумористични ситуации во кои главните ликови – едно глувче и една жирафа, разговараат со кратки дијалози (прашање – одговор, на германски и на македонски) – кои децата лесно ќе ги запомнат и со тоа ќе ги научат не само германските зборови, туку и цели фрази и реченици.

Кога девојче ќе смисли приказна со интересни ликови, преку која ќе им го приближи и ќе им го направи забавно учењето на германскиот јазик на нејзините врсници (а и помали другарчиња), резултатот е „Какво е времето таму горе? / Wie ist das Wetter da oben?“.

По разговорот ќе следува и работилница за креативно пишување за деца предводена од Црвенковска, на која децата ќе научат како се создава сликовница, а со помош на Росоклија, истата ќе биде илустрирана.

За да се пријавите на еднодневната работилница, потребно е да ја пополните онлајн регистрацијата за учество за следниот линк.
Настанот е од отворен карактер, но обезбедете си го вашето место со брзо пријавување. Бројот на деца за работилницата е ограничен.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.