Во Македонската академија на наулите и уметностите денеска во 11 часот ќе се одржи промоција на „Македонски дијалектен атлас (од ризницата на картотеката – лексички материјали)“, дело произлезено како резултат на заедничката соработка помеѓу Истражувачкиот центар за ареална лингвистика „Божидар Видоески“ при МАНУ и Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“. Поздравни говори ќе одржат претседателот на МАНУ, академик Живко Попов и директорката на Институтот за македонски јазик, проф. д-р Елена Јованова-Грујовска. Промотор на изданието е проф. д-р Лилјана Макаријоска, дописен член на МАНУ, а обраќања ќе имаат и главните редактори на Атласот, проф. д-р Веселинка Лаброска, дописен член на МАНУ, и академик Марјан Марковиќ. Во рамките на програмата ќе се одржи и презентација на веб-порталот Дигитални ресурси на македонскиот јазик.
– Во атласот се обработени 50 дијалектни карти претставени со скоро 400 населени места од целата македонска јазична територија. Од особено значење е тоа што во овој том се објавени лексички карти и од сегашните и од поранешните македонски дијалектолози, со што современата обработка се надоврзува на традицијата и континуитетот во обработката на македонските дијалекти. Со овој пристап Македонскиот дијалектен атлас ја отсликува работата на сите претходници и современици, истовремено прикажувајќи дел од огромното лексичко богатство на македонската дијалектна територија – велат од МАНУ.
За ова дело беше доделена државната награда „Гоце Делчев“ за 2025 година како особено значајно остварување од интерес за Македонија во областа на науката.





