Повеќе од 23.000 Германци ја посетиле Македонија во првата половина на оваа година. Македонија е претставена како земја со автентична култура, недопрена природа, примамлива гастрономија, во рамките на саемот Museumuferfest во Франкфурт, на кој Министерството за култура и туризам успешно ја промовираше Македонија како врвна европска дестинација.
На претставувањето на Македонија на саемот присуствуваа Марија Станчевска-Ѓоргова, државен секретар во Министерството, амбасадорот Илбер Села, директорот на Археолошкиот музеј во Франкфурт, д-р Волфганг Давид, директорот на Музејот на град Скопје, д-р Панче Велков и други гости.
– Претставувањето на саемот е уште една иницијатива поттикната од воспоставената соработка со Германскиот археолошки институт и Археолошкиот музеј од Франкфурт, што неодамна беше официјализирана и со потпишувањето на билатерални документи со Министерството за култура и туризам и Музејот на град Скопје. Посетителите на саемот ја проследија изложбата на Музејот на град Скопје „Масовната гробница во Скупи – една темна страна на римската историја“, која во Археолошкиот музеј во Франкфурт беше отворена минатата година, а досега ја посетија повеќе од 10.000 посетители – велат од Министерството.
Во рамките на саемот претставено е богатото културно наследство на Македонија, археолошките локалитети, недвижните културни добра, артефактите, музејските поставки.





