Промоција на „Македонска љубовна лирика“ во „Матица ексклузив“

Во чест на 90-годишнината од раѓањето на Петре М. Андреевски утревечер во 19 часот во Паркот на книгите на „Матица ексклузив“ во Скопје ќе се одржи промоција на книгата „Македонска љубовна лирика“. Делото го приредија Весна Мојсова-Чепишевска и Иван Антоновски од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

На настанот, стихови ќе интерпретира актерот Роберт Вељановски, а во рамките на музичката програма ќе настапи Драган Мијалковски.

„Македонска љубовна лирика“ е книгата што ни ја враќа вербата дека и во нашево време може вистински да се љуби и македонската поезија да се чита со страст. Станува збор за најобемниот тематски избор од современата македонска поезија, во кој на близу 500 страници се поместени близу 350 најубави љубовни песни од македонски современи поетеси и поети од сите генерации.

Ова издание, единствено од ваков формат и различно од сите други објавени претходно е книга којашто потврдува дека нема поголема движечка сила од љубовта којашто може да ги обедини различните генерации, поетики и писма, поетеси и поети.

Сподели