Промоција на збирката раскази „Луѓенца“ од Лилјана Пандева

Во Култ парк пред Културно-информативниот центар во Скопје денеска во 18 часот ќе се одржи промоција на збирката раскази „Луѓенца“ од Лилјана Пандева, издание на „ПНВ Публикации“. Книгата ќе ја промовира Владимир Мартиновски, а модератор е Јулијана Величковска-Димоска, а делови од книгата ќе чита авторката.

Книгата е составена е од 17 раскази кои обработуваат теми од секојдневниот живот на Скопје. Но, темите се само подлога за стожерот на секој расказ, а тоа е обичниот, секојдневниот, незабележителниот човек, што е тука околу нас, а никој не му обрнува внимание. А тој е гладен („Ронка леб), тој има ретко заболување („Виолетовата китица“, Homo lupo lupus est), тој живее во страв („Аспиратор“), тој се бори да преживее („Ноќниот чувар“, „Импланти и слични такви нешта“), потчинет е во семејството („Послушна жена“), се обидува да се вклопи во нова средина („Петра и Градоначалникот“), сака да биде разбран од околината („Аеродром“) итн.

Лилјана Пандева е родена 1964 година во Ново Село, Струмица. Дипломирала во 1989 година на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, магистрирала на тема „Поетските фигури на формата во македонската книжевност меѓу традицијата и иновацијата“, а докторска дисертација одбранила на тема „Адвербијализацијата во македонскиот јазик“.

Авторка е на: Новогодишни едночинки, книга за деца; на поетската збирка Љубов од А до Ш; на збирката раскази Канцелариски колумни; на романите Од агендата на Калина Калин, Возовите на Луцерн (преведени на германски јазик), Доилката (добитник на наградата за најдобро прозно остварување „Стале Попов“ на Друштвото на писателите на Македонија за 2016 година, кој е преведен на српски јазик и на руски јазик). Добитник на две откупна награди за краток расказ на „Нова Македонија“.

Сподели