Во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје денеска во 12 часот ќе биде промовирана книгата „Книжевен бинокулар“ од Соња Стојменска-Елзесер. Книгата е добитник на наградата „Димитар Митрев“ на Друштвото на писателите на Македонија за најдобра критичко-есеистичка книга за 2022 година. За делото ќе говори проф. д-р Анасатастија Ѓурчинова.
„Книжевен бинокулар“, издание на Институтот за македонска литература, е дело со книжевни и културолошки есеи кои во фокусот поставуваат актуелни истражувачки прашања од македонската култура. Оваа публикација има структура на мозаик со теми и проблематики кои авторката ги истражувала изминативе неколку години, а сите се однесуваат на македонскиот книжевно-културен контекст. Промоцијата е дел од богатата понуда на Град Скопје – кандидат за европска престолнина на културата за 2028 година.