Промоција на книгата „Партиципациска уметност: парадигматски пресврт од објекти кон субјекти“ од Сузана Милевска

Во КСП „Центар-Јадро“ во Скопје утревечер во 19.30 часот ќе се одржи промоција на книгата „Партиципациска уметност: парадигматски пресврт од објекти кон субјекти“ од Сузана Милевска, една од нашите најзначајни теоретичарки на визуелната уметност култура и кураторка. Промоцијата ќе се одвива во дијалошки формат помеѓу Милевска и Артан Садику, политички филозоф. Воведни зборови ќе има Искра Гешоска, теоретичарка на културата и културна работничка, а свои интревенции ќе има Тијана Ана Спасовска, историчарка на уметноста. Промоцијата е замислена како отворен дискурзивен и партиципациски настан што ќе вклучи и сесија со прашања и одговори од присутните.

Делото е избор од 15 есеи за партиципациската уметност со фокус на уметноста во Југоисточна и Централна Европа. Милевска ги напишала и објавувала овие текстови на англиски во изминатите 15 години. Есеите се објавуваат за првпат во збирка, почнувајќи со првиот напишан на оваа тема во 2006 година. Сите есеи се преведени на македонски јазик и уредени од Ана Димишковска, деканка на Институтот за филозофија и професорка по логика и филозофија, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Милевска ги артикулира и интерпретира плуралните, отворени, променливи форми во уметноста кои, сепак, претставуваат кохерентно единство, структура која потенцира и репрезентира одреден свет на релации помеѓу поединечните општествени и човечки и интимни наративи, помеѓу политичкото и уметничкотот. Книгата е изклучително важна поради нејзината важна интервенција во етичко-политичката организација на промислувањето на партиципациската уметност, и заради нејзиното храбро и предизвикувачко отворање/поставување прашања преку чии можни одговори може одново да се освои изгубениот политички и уметнички простор, разбиен со безмилосните напади на глобалниот неолиберализам.

Сузана Милевска е кураторка и теоретичарка на визуелните уметности и култура. Нејзините теориски и кураторски интереси се свртени кон постколонијалната критика на хегемонските режими на моќта во претставувањето, родовите разлики во визуелната култура, и феминистичките, партиципациските и колаборативните уметнички практики. Милевска била Главен истражувач на проектот на Хоризонт во 2020 насловен како „Траги“ на Политехничкиот универзитет во Милано, а во 2019 година ја курирала завршната изложба „Спорни објекти/Засрамени субјекти“. Во 2013 година, таа била назначена за прв поддржан професор за историја на уметностите од Централна и Југоисточна Европа на Уметничката акдемија во Виена (2013 – 2015). Милевска докторирала визуелна култура на Голдсмит Колеџ, при Лондонскиот Универзитет. Во 2004 година била Фулбрајтов стипендист како виш истражувач во Конгресната библиотека во Вашингтон. Таа има курирано бројни меѓународни изложби, го има иницирано проектот Повикај го сведокото – Рома павилјон на Венециското биенале (2010-2011). Нејзините текстови се преведени на бугарски, хрватски, англиски, француски, унгарски, германски, италијански, јапонски, руски, српски, словенечки, шпански, шведски, турски, итн. Таа е автор и уредник на многу книги, меѓу кои Gender Difference in the Balkans, 2010, The Renaming Machine: The Book, 2010, и On Productive Shame, Reconciliation, и Agency, SternbergPress, 2016 година. In 2012 ја добива наградата Игор Забел за култура и теорија.

Промоцијата ја организира „Контрапункт“ во рамките на 9. издание на КРИК – фестивал за критичка култура. „Контрапункт“ ја објави книгата и на англиски јазик, а промоцијата на англиското издание беше во март 2024 година, во Њујорк.

Сподели