Во „Салон 19.19“ при Културно-информативниот центар во Скопје – Скопје вечерва во 19.19 часот ќе се одржи промоција на лнигата „Куќа од хартија“ од Гордана Каракашевска, издание на „ПНВ Публикации“. Книгата ќе ја промовира Вања Таневски, модератор на настанот е Јулијана Величковска-Димоска, а стихови од стихозбирката ќе чита актерката Елизабета Клинчаревска-Младеновска.

Во „Куќа од хартија“ авторката продолжува да ја истражува дуалноста меѓу светлината и темнината, сигурноста и сомнежот, сеќавањата и заборавот. Речиси во сите песни таа пее за пролетта или само ја навестува по зимата. Пролет како ново раѓање, ренесанса. Нејзината поезија му пркоси на секојдневниот живот и на минливоста.

Гордана Каракашевска е родена 1973 година во Пехчево. Уште како мала пишува песни и раскази на македонски, италијански, српски и на англиски јазик. Нејзините песни се преведени на други јазици и објавени во домашни и меѓународни литературни групи, онлајн-списанија како и антологии во печатена и онлајн форма во Македонија, Хрватска, Босна и Херцеговина и Србија. Досега ги има објавено збирката кратки раскази „Сињор Џордано и размислувањата за сомневањата, дилемите и прашањата и за некои други, ситни зрнца“ (2021), збирката поезија „Скршен поет и други поеми“ (2021) и романот „Разголување – во година на козата“ (2021). Исто така таа е коавтор на збирката поезија „Денови на Поезијата“ заедно со група автори во Македонија и на заедничка збирка Lice pjesnika во издание на Diligo liber од Загреб каде меѓу 12 автори од Хрватска таа е застапена со 10 авторски песни. Живее, работи и твори во Скопје.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.