Промоција на книга со есеи на Милчо Манчевски и проекција на „Бикини Мун“

Публикацијата „Манчевски: Пет есеи“ на Милчо Манчевски ќе биде промовирана на 1 февруари во 19 часот во Едукативниот културен центар „Лабораториум“ во Скопје. Настанот го органиира Филозофското друштво на Македонија. Освен промоцијата, ќе биде прикажан и филмот „Бикини Мун“ од 2017 година.

Двојазичното издание „Манчевски: Пет есеи“ (трета книга во едицијата Филмософија) ќе го промовира проф. д-р Ана Димишковска, а фрагменти од есеите ќе читаат актерите Никола Ристески и Елена Кузманов. Книгата се состои од пет есеи (и нивен корелат на англиски јазик), коишто се пишувани во период од 1994, па сè до 2022 година. Автор на предговорот е проф. д-р Иван Џепароски, додека дизајнот на корицата е на Катерина Тери Николовска.

Манчевски, во континуитет, низ целото негово творештво, покрај креирањето на филмски дела, преку есеистичкиот формат се запрашува и за нашата длабока потреба од раскажување и споделување приказни, за природата на вистината и за дистинкцијата вистина-прикаска во филмот (играното и документарното), за дијалогот на авторот со уметничкото дело, за насилството во уметноста, за проблемот на претставувањето, т.е. односот уметност-стварност, но и за хуманизмот којшто лежи во центарот на самата уметност – теми коишто го предизвикуваат нашиот однос, не само кон уметноста, туку и кон светот, и покажуваат една подлабока потреба на авторот, не само од творење, туку и од постојано бидување во дијалог со својата уметничка пракса. И токму овој дијалог, централен и за филозофијата, е она што го ситуира ова дело на пресекот меѓу филозофијата и филмот, меѓу естетиката и уметничката пракса, посочувајќи ја неговата важност при секое чинење уметност и размислување за неа.

„Бикини Мун“ е петтиот филм на Манчевски, единствен (досега) без домашно (македонско) учество во продукциска, актерска или лингвистичка смисла. Манчевски, како и во сите свои филмови се јавува и во улога на сценарист, но во овој филм има мал исклучок, во улога на косценарист се јавува и В.П. Розентал. Главните актерски улоги ги играат Кондола Рашад, Сара Голдберг, Вил Јановиц, Сатја Шридаран…

Оваа модерна мрачна бајка на Манчевски говори за искршениот идеал на модерното семејство, но и за изгубената приватност во светот окупиран од камери, мобилни телефони и сеприсутните социјални мрежи. Филмската структура на „Бикини Мун“ е филм-во-филм, во кој филмската стварност е двојно контролирана или двојно манипулирана…

Филмот го отвора прашањето и го испитува начинот на кој гледаме на светот преку медиумите кои изискуваат да се гледаат како реалност, притоа поставувајќи ги непријатните прашања за често експлоататорскиот однос помеѓу медиумите и неговите субјекти…

 

Сподели