Kнигата „Кабинет на чуда со ѕидови од огледала“ на Владимир Јанковски ќе биде промовирана вечерва во 19.30 часот во кафе-книжарницата „Буква“ во Скопје. Делото замислено разговор помеѓу Јанковски и Влада Урошевиќ, ќе го промовира Оливера Ќорвезироска.
„Кабинет на чуда со ѕидови од огледала“ ги содржи разговорите што Влада Урошевиќ и Владимир Јанковски ги воделе во временски опсег поголем од 20 години.
Првиот дел од книгата, „Огледало за загатката“, опфаќа дијалози водени во 2002 и 2003 година, вториот дел претставува еден подолг разговор од 2015 година, а последниот дел, „Кабинет на чуда“, разговори од 2023 година.
На овие страници се допрени најголемиот дел од творечките преокупации на Урошевиќ, а авторот се обидува преку дијалогот за поетиката на писателот да долови и елементи од неговата личност, живот и односот кон современиците.
Книгата може да се чита и како панорама на книжевните опсесии на Урошевиќ и како портрет на еден човек кој својата егзистенција нераскинливо ја преплетувал со книжевноста и, воопшто, со уметноста.
Влада Урошевиќ е една од најбележитите книжевни појави во нашата книжевност, а оваа книга со сигурност ќе претставува неодминлива лектира за сите книжевни проследувачи и сладокусци. На што нè учи литературата? Литературата, ако нешто нè учи, тогаш не учи како да го гледаме светот.
А може да научиме и многу повеќе од разговорите со Влада Урошевиќ и „Кабинет на чуда со ѕидови од огледала“, вели издавачот „Антолог“.