Илустрираната сказна „Бамбино“ според приказна на Ника Гавровска и со илустрации на Никола Радуловиќ ќе биде промовирана вечерва во 19.30 часот во „Горки кафе“ во Скопје. Изданието на „Гаврош“ ќе го промовира Лидија Капушевска-Дракулевска.

„Старите раскажуваат дека во сува зима, кога има длабок снег, ако дувне топол ветер, може да те пресретне еднорогиот елен. Тоа е чудовишно животно, магично суштество, те допре ли со рогот – ќе те снема. “

Ника Гавровска (1987) е родена во Скопје. Основач е и уредник на издавачката куќа „Гаврош“. Автор е на сликовницата „Бел“ (2019) илустрирана од Ристо Аврамовски, како и на визуелниот речник за деца „Збор по збор“ (2021) илустриран од Наташа Андонова. Предмет на интерес во нејзините академски истражувања е спрегата помеѓу зборовите, вербалната нарација, и сликата, визуелната нарација, во илустрираните книги за деца.

Никола Радуловиќ (1987, Куманово) дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, отсек сликарство, а магистрирал на Националната уметничка академија во Софија, насока – Илустрација. Добитник е на наградата „Борко Лазески“ во 2010 год. Во 2018 година бил добитник на првата награда на „Биеналето на млади уметници“ во Музејот на современа уметност. Дигиталните медиуми, класичната анимацијa и изработката на илустрирани книги се негов главен фокус.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.