Промоција на хрватскиот превод на „Детелинки белинки“ во Охрид

Хрватскиот превод на книгата „Детелинки белинки“, објавен по повод 15 години Лекторат по македонски јазик во Риека, ќе биде промовиран вечерва во 19 часот во Конгресниот центар на УКИМ во Охрид. Промоцијата ќе се одржи во рамките на 56. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Промотори на изданието ќе бидат проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска и м-р Биљана Стојановска. На настанот, за искуството од работата при преведувањето на оваа книга од македонски на хрватски ќе зборуваат Ана Братовиќ и Маргарета Чанжар, студентки по македонистика од Риека и учеснички на Школата.

Изданието во кое текстовите од 16-те македонски приказни – сказни се објавени и во оригинал на македонски и во превод на хрватски јазик е резултат на заеднички потфат на Стојановска, која е актуелна лекторка по македонски јазик во Риека и на нејзините студенти по македонистика од Отсекот за преведување, кои ги преведоа текстовите.

Станува збор за превод на истоимениот избор објавен на македонски јазик од издавачката куќа „Арс Ламина“ – редакција „Либи“, а неговото објавување во Хрватска се надоврза на зголемиот интерес за македонската книжевност за деца во странските културни центри во изминатиот период. Книгата по нејзиното прво промовирање во рамките на чествувањето на 15-годишнината на Лекторатот по македонски јазик на Филозофскиот факултет во Риека веќе предизвикува дополнителен интересот за македонската книжевност за деца во Хрватска, вклучително и од страна на стручната јавност.

Хрватскиот превод на „Детелинки белинки“ е еден од примерите како во соработка меѓу лекторот по македонски јазик и студентите на странските универзитети, знаењата од областа на македонистиката може да се насочуваат кон проекти кои ги афирмират македонскиот јазик, литература и култура и пошироко, во и надвор од академката средина, и оттука се очекува дека денешната промоција ќе биде поттик и за дел од семинаристите да се зафатат со вакви или слични потфати.

Инаку, покрај Ана Братовиќ и Маргарета Чанжар кои на промоцијата на Летната школа ќе ги споделат своите искуства, автори на преводите објавени во изданието се и студентките: Анамарија Гојевиќ, Ивана Јовановиќ, Луција Тогонал, Марија Кунчиќ, Наталија Милковиќ, Нина Дојчиновиќ, Нина Меданиќ и Тихана Тадеј.

Летната школа на МСМЈЛК при УКИМ се приближува кон својата завршница, со веќе видливи резултати за кои говорат и импресиите на семинаристите од 18 држави. До крајот на Школата ќе се одржи и промоција на значајното издание „Шопов на 11 јазици“, а на 1 септември ќе започне јубилејната, 50. Меѓународна научна конференција на МСМЈЛК при УКИМ.

Сподели