Монографијата „Горан во Драмски“, чиј приредувач е Александра Бошковска, ќе биде промовирана денеска на пладне во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп, во рамките на фестивалот „Војдан Чернодрински“.

Монографијата ги отсликува почетоците и долгогодишната работа на Горан Стефановски како драмски писател и дава осврт на драмски текстови (напишал над 30 драмски текстови, од кои повеќе од 14 се премиерно изведени во Драмски театар), сценски либрета и едночинки. Во книгата се автентично претставени и моменти од неговата соработка со режисерите и неколку генерации актери кои се развивале оживувајќи ги Горановите дела во Драмскиот театар.

Бедија Беговска во „Славната Флоренс“

Во 18 часот, на сцената на Центарот, ќе настапи Турскиот театар од Скопје со претсгтавта „Славната Флоренс“ во режија на Драгана Милошевска-Попова. Во насловната улога на неталентираната оперска пејачка Флоренс Фостер Џенкинс е Бедија Беговска. Претставата е работена според текстовите на Питер Квилтер, Николас Мартин, Џулија Коган, Билјана Крајчевска и Милошевска-Попова. Сценографијата е на Татјана Блажевска-Христоска, а костимите на Розе Трајческа-Ристевска.

Освен Беговска, во претставата играат и Џенап Самет, Селпин Керим, Јеткин Сезаир и Ебру Мусли.

Во 21 часот во театарот „Војдан Чернодрински“ ќе гостува Народниот театар од Охрид со претставата „Крик за љубов“ во режија на Љупчо Ѓоргиевски. Во театарската комична игра на карактери играат: Адријана Билаловиќ Тодороска, Никола Тодороски, Горан Стојаноски и Ивица Цонев.

 

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.