Промоција на „Филм и филмска писменост“ од Даниела Станковска-Плачковска

Книгата „Филм и филмска писменост“ од авторката Даниела Станковска-Плачковска ќе биде промовирана вечерва во 19 часот во Кинотеката. За делото ќе зборуваат Мими Ѓоргоска-Илиевска и Владимир Стојчевски.

Ова дело содржи анализи и студии во кои се опфатени пристапите и активностите на европско ниво во областа на филмското образование /писменост за период од 2011 до 2021 год., а се дава краток преглед за односот на филмот и медиумот, филмската писменост и медиумската писменост како и филмската писменост и дигиталната писменост.

Авторката се фокусира и на идентификување на потребата за вклучување на филмот и филмската писменост во формалното образование. Се укажува на потенцијалот што го има филмот и филмската писменост, како и нивната употребната вредност во образовен контекст. Причините кои детално се сумирани даваат јасност дека филмот и филмската писменост се алатки кои овозможуваат пристап до уметност, но и пристап до културни, критични и креативни знаења, вештини и идни компетенции за децата и младите.

Станковска-Плачковска исто така споделува и мислења, ставови и искуства на наставници од основните и средните училишта на национално ниво, како и од дизајнери и реализатори на програма/проекти на национално ниво во оваа област.

Таа посочува за потребата и предизвиците за користење на филмот и филмската писменост во рамките наформалното образование (основно и средно училиште). Во овој дел содржани се и 7 препораки кои како рамка можат да поттикнат дијалог со релевантни чинители со цел реактуелизирање и активно вклучување на филмот и филмската програма во наставните програми.

Сподели