Промоција на двотомното издание „Македонија – Јозеф Обрембски“ во Варшава

Полскиот етнолог Јозеф Обрембски. Материјалите ги собирал во текот на неговиот истражувачки престој во Порече, Македонија, во 1931-32 година
Известува од Варшава: Даниел Анастасов, Македонско истражувачко друштво

Промоција на двотомното издание „Македонија – Јозеф Обрембски“ завчера се одржа во Народниот етнографски музеј во Варшава, Полска. Книгите се составени од проф. Ана Енгелкинг од Институтот за славистички студии при Полската академија на науки, базирани на истражувачките материјали и записи од полскиот етнолог Јозеф Обрембски. Материјалите ги собирал во текот на неговиот истражувачки престој во Порече, Македонија, во 1931-32 година.  Во проектот учествуваа и проф. Јоана Ренкас и Илија Упалевски кои дадоа голем придонес во транскрипцијата и стручната редакција на текстовите.

Приутните ги поздрави Илија Псалтиров, амбасадорот на Македонија во Полска и директорот на Народниот етнографски музеј, Роберт Зидел. Настанот продолжи со панел дискусија во која учествуваа проф. Ана Енгелкин, проф. Каролина Беленин-Ленчовска, антрополог и лингвист, професор-асистент при Институтот за етнологија и културна антропологија на Варшавскиот универзитет како и проф. Марчин Лубаш, антрополог кој работи при Институтот за социологија при Јагилонскиот универзитет.

Книгите се печатени на Полски јазик и се состојат од 1.300 страници уникатен и значаен етнографски и историски материјал, непосредно пишано сведоштво за македонската кутура, записи од теренските истражувања на полскиот етнологот и социолог Јозеф Обрембски, при неговиот престој во селата од Поречјето од август 1932 до март 1933 година.

Тој подготвувал и материјал за монографија посветена за религиозните и магичните ритуали на овчарите наспроти позадината на колективниот живот во Поречките села. Овој подготвен материјал бил уништен за време на втората светска војна во Варшавското востание и никогаш не бил објавен во форма на печатена монографија. Останале некои архивирани делови од овој материјал како и комплетните етнографски записи од теренските истражувања напишани во изворна македонска верзија со транскрипција на полски, придружени со фотографии. Денес оригиналите од овие записи се чуваат во Архивот на библиотеката Дибоа на Универзитетот Масачусетс, а кај нас при Институтот за етнологија и антропологија при Природно-математичкиот факултет во Скопје каде постојат копии на дел од овие материјали.

Настанот беше организиран од Полското етнолошко друштво и Народниот етнографски музеј во Варшава. Во публиката присутни беа видни истражувачи и научници од полската академска сфера, поранешни дипломати на Полска во Македонија, како и голем број претставници на македонската заедница во Полска.

Сподели