Промоција на „Два опита (Конески и Старделов)“ од Иван Џепароски

Во Салата за седници на Филозофскиот и Филолошкиот факултет во Скопје денеска во 13 часот ќе се одржи промоција на монографијата „Два опита (Конески и Старделов)“ од проф. д-р Иван Џепароски. Воведна реч ќе имаат деканите на двата факултета, проф. д-р Ратко Дуев и проф. д-р Владимир Мартиновски. Промотори на книгата се проф. д-р Ана Димишковска и проф. д-р Вангел Ноневски, кои се и рецензенти на книгата.

– Монографијатапретставува оригинално конципирано, консеквентно изведено и длабински промислено дело, во кое е изложен врвен аналитичко-критички и херменевтички пристап кон аспектите што ги поврзуваат делата на двајцата великани на современата македонска интелектуална и книжевна култура – Блаже Конески и Георги Старделов. Повеќеслојноста на оваа монографија се изразува во фактот што таа не само што нуди драгоцени информации за нивниот живот, дело и творечки искуства, туку ги елаборира и суштинските аспекти од нивниот придонес на планот на книжевноста, книжевната критика, естетиката и филозофијата – вели Димишковска.

Според Ноневски, книгата претставува уникатен придонес кон нашата културна, филозофска и академска средина.

– Одбирајќи да ги претстави двајцата интелектуалци чии академски кариери биле заемно испрепелетени, авторот погаѓа во суштината на одбраната тема: овие двајца великани да се престават не како засебни фигури (иако и таквиот пристап би бил легитимен), туку како дејци чиј ангажман бил меѓусебно испреплетен и надополнувачки – вели Ноневски.

Сподели