Десет тома со 12 книги за возрасни од познатата писателка Оливера Николова вечерва во 19 часот ќе бидат промовирани во Националната опера и балет. Своевидна ексклузивност на настанот ќе биде присуството на писателката Оливера Николова, која ќе се обрати пред присутните.

Проектот е на издавачката куќа „Арс ламина“ која во рамките на „Арс либрис“, го реобјавува целокупното творештво за возрасни од Николова. Книгите, дел од едицијата „Македонски книжевни класици“, се со нови поговори од значајни македонски професори, книжевници и писатели. На промоцијата ќе се обратат авторите на поговорите, а модератор ќе биде Оливера Ќорвезироска, која е уредничка на едицијата.

Во едицијата се вклучени: „Куклите на Росица“ (со поговор од Елизабета Баковска), „Тесна врата“ (поговор Кица Колбе), „Куќичка“ (поговор Румена Бужаровска), „Тромбот“ (поговор Владимир Мартиновски), „Адамовото ребро“ (поговор Калина Малеска), „Збогум Вано, Ванке…“ (поговор Јелена Лужина), „Пешаци по црни полиња“ (поговор Гоце Смилевски), „Белиот чад“ (поговор Никола Гелевски), како и „Вежби за Ибн Пајко“ (поговор Катица Ќулавкова) во исто издание со „Песот со тажен поглед“ (поговор Давор Стојановски) и „Лева комора“ (поговор Владимир Јанковски) во исто издание со „Кадифената покривка“ (поговор Оливера Ќорвезироска).

Оливера Николова е раскажувачка, романсиерка и драмска писателка родена во Скопје во 1936 година. Се школувала во Струга и во Велес, а дипломирала на Филолошкиот факултет, група Југословенска книжевност, на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Работела како драматург-уредник во емисиите за деца и во драмските програми за возрасни на Радио и на ТВ Скопје. Пишува за деца и за возрасни. Има објавено 10 романи и три збирки раскази за возрасни, 17 книги за деца и сликовници, меѓу кои: „Зоки Поки“, „Девојките на Марко“, „Мојот звук“, „Преминот не е осветлен“, „Светлосна година“ и други, како и многубројни театарски, телевизиски и радио-игри.

За својата работа има освоено многубројни награди, меѓу кои: Наградата на РТВ Скопје и Струшките вечери на поезијата во 1966, 1975 и во 1978 година, наградата „Младо поколење“ (1978), Змаевата награда за 1983 г. за посебни постигнувања во современиот израз на литературата за деца, наградата „Стале Попов“ на Друштвото на писателите на Македонија во 1983, 1998 и 2015, „Рациново признание“ за 2000 г. за „Адамовото ребро“, роман на годината на „Утрински весник“ за 2004 г. за „Куклите на Росица“, роман на годината на Фондацијата „Славко Јаневски“ за 2019 г. за „Песот со тажен поглед“.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.