Промоција на „Денови со полна месечина“ на Витомирка Требовац во Прилеп

Стихозбирката „Денови со полна месечина“ од српската авторка Витомирка Требовац, во препев на Звонко Димоски, ќе биде промовирана вечерва во 19.30 часот во кафулето „Чоше“ во Прилеп. Делото е второ од едицијата „Женска балканска рурална поезија“, реализирана во рамките на проектот РЕАД – Регионална мрежа за културна разновидност“, финансиран од Европската Унија. Лани беше издадена првата книга од едицијата, односно „Мојата мајка знае што се случува по градовите“ на српската поетеса Радмила Петровиќ.

„Денови со полна месечина“ е нејзиниот прв објавен препев на македонски јазик на Требовац. Дизајнот на книгата го направи Ѓорѓи Десподов. Витомирка Требовац родена е 1980 година во Нови Сад и досега ги има објавено збирките поезија: Plavo u Boji (2012), Sve drveće sva deca i svi bicikli u meni (2017) и Dani punog meseca (2020).

Регионалниот ЕУ проект Регионална мрежа за културна разновидност – РЕАД има за цел да промовира вештини за читање меѓу рaзличните култури и демократски вредности преку зголемување на интересот за читање, ставајќи на располагање висококвалитетни книжевни дела од регионот. Проектот го спроведува Гете-институт Скопје заедно со партнерските организации: Центар за балканска соработка – Лоја (Северна Македонија), Instituti i Librit dhe i Promocionit (Албанија), Kalem Culture Association (Турција), Association Krokodil Krokodil (Србија) и Qendra Multimedia (Косово).