Промоција на реизданието на култната „Бушава азбука“ од Горан Стефановски и Душан Петричиќ

Култната книга за деца „Бушава азбука“ од Горан Стефановски и Душан Петричиќ на издавачката куќа „Чудна шума“, ќе биде промовирана вечерва во 19.19 часот во паркот пред Културно-информативниот центар во Скопје. Промотор ќе биде книжевната критичарка и теоретичарка Александра Јуруковска, модератор на настанот Билјана Црвенковска, а делови од книгата ќе чита актерката Тина Трпкоска.

Поминаа повеќе од 35 години откако беше создадена култната ТВ-серија за деца, а по неа и сликовницата „Бушава азбука“ на Стефановски, со илустрации на Петричиќ. Со „бушавите букви“ растеа генерации и генерации, учејќи го македонскиот јазик и скапоцените подзаборавени, архаични зборчиња кои се одраз на неповторливата македонска книжевност , култура и традиција.

Горан Стефановски е роден на 27 април 1952 година во Битола. Завршил студии по англиски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје. Студирал и драматургија на театарската академија на Универзитетот во Белград. Од 1978-1986 е асистент по англиска книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје (работа на полето на англиските студии со посебен акцент на Шекспир и англиската драма). Од 1986-1998 е редовен професор по драматургија на Факултетот за драмски уметност во Скопје (работа на полето на креативното пишување и студии на драмските теории и модели).

Во литературата дебитира пред триесетина години со ТВ-играта „Клинч“ (1974). Оттогаш па сè до нашиве дни се пројавува како плоден и атрактивен автор, главно во драмската уметност, врзувајќи и го своето и националното име за престижни и високи домашни и интернационални награди и признанија. Во орбитата на сеопштиот интерес се пробива со драмата „Диво месо“. Горан Стефановски е изведуван на сите македонски сцени. Почина на 27 ноември 2018 година.

Душан Петричиќ е српски илустратор и карикатурист. Има илустрирано бројни книги за деца, а неговите карикатури се појавуваат во реномирани магазини и дневни весници, од „Политика“ до „Њујорк тајмс“. По завршувањето на студиите на Академијата за применета уметност работи како карикатурист во „Вечерње новости“ , а потоа се сели во Канада, од каде што работи со реномирани весници како што се „Њујорк тајмс“, „Вол стрит џорнал“ и „Торонто стар“. Од 2009 година почнува да подготвува карикатури за неделното издание на „Политика“, а во 2013 година се враќа во Белград.

За неговите илустрации за деца, ја има добиено престижната награда – Почесен сертификат на IBBY (International Board of Books for Young People), како и Alberta Book Award и The Longitude Prize, наградата Levstik во Словенија и многу други.

Сподели