Промоција на „Антологија на иднината“ во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“

Во дворот на Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје вечерва во 19 часот ќе се одржи промоција на „Антологија на иднината“. Станува збор за издание на библиотека со избор творби од работилницата за креативно пишување, одржана минатата година. Антологијата содржи песни, проза и есеи на 23 млади автори, учесници на двомесечната работилница што ја ја водеше писателот Александар Русјаков, кој е и уредник на изданието. Автор на корицата е еден од учесниците, Борис Дебси, лектор е Денис Бојаров, а техничката обработка е на Јованчо Димоски. Книгата е поддржана од Град Скопје.

Објавувањето на „Антологија на иднината“ како дел од издавачката дејност на Библиотеката е заокружување на целиот процес, што тргнува од премисата институцијата да биде повторно атрактивно место за младите креативци.

– Се восхитувам на оваа силна буица од младешка енергија и искреност, која верувам дека ги задоволува и највисоките книжевни критериуми. Особено сум горда што Библиотеката е издавач на оваа „Антологија на иднината“ – вели директорката Снежана Стојчевска.

За писателот Русјаков, ова е збирка поезија и проза на исклучително свои и посебни млади книжевни Автори од една „обична“ креативна работилница:

– Зад овие редови не се крие, туку се објавува она за кое верувам дека може да стане иднина на книжевната уметност во светот и кај нас во татковината, секако, ако тие одлучат да ја жртвуваат својата удобност и вообичаено воспоставените норми и правила, оти уметноста истовремено вреска и тихува во утробата – вели тој.

На промоцијата ќе говорат Стојчевска, Русјаков и Александра Јуруковска – координатор на проектот. Свои творби ќе читаат дел од авторите застапени во Антологијата: Михаела Стефановска, Софија Добревска, Александра Арсовска, Давор Стефановски, Хана Трајкоска, Методија Тасевски, Никола Ристовски, Нино Наумовски, Иво Донев, Матеа Јовановска, Бојана Цветковска, Јована Вуковиќ, Маша Тодевска и Михаела Сталеска. Модератор на настанот е актерот Андреј Серафимовски, а во музичкиот дел ќе настапи младиот панк бенд „Малери“.

Сподели