60. издание на периодичното списание за историја, теорија и култура на филмот и другите уметности ќе биде промовирано на 18 март (петок) во 12 часот, во киносалата на Кинотеката. „Кинопис“ е списание кое излегува единечно или како двоброј, еднаш до двапати годишно. Држејќи чекор со дигиталната ера, Кинотеката на својата интернет-страница ги има приложено и дигиталните верзии на изданијата: од првиот број на списанието, па до бр.55-56.
„Кинопис“ е природен наследник на кинотечниот магазин „Кинотечен месечник“ (кој излегува од 1977 до 1987 година), чии изданија во македонската филмска историја и теорија имаат статус на своевидни „Филмски тетратки“, по урнекот на легендарниот магазин за филм „Cahiers du Cinéma“ („Филмски тетратки“), основан во 1951 година во Париз: еден од основачите е Андре Базен, филмски критичар и теоретичар со светско реноме, за кого се смета дека имал пресудно влијание во лансирањето на францускиот „нов бран“.
Првиот број на „Кинопис“ излезе во 1989 година.
„… И така во текот на таа 1988 година и во неколку месеци од следната 1989 се обликуваше концептот, се прибираа текстови… Беше постигнат договор списанието да се печати во печатницата на Нова Македонија, а ликовно-графичкото обликување да го направи Костадин Танчев-Динката. Роберт Јаки ја изготви хронологијата на фотографските пронајдоци (како претходници на филмот), а свои трудови дадоа: Мирослав Чепинчиќ, Катица Трајковска, Сузана Милевска, Павлина Гргуревиќ, Цветан Гавровски, Ѕвонко Ѓокиќ, Благоја Куновски, Георги Василевски, Конча Пирковска, Стојан Синадинов, Љубомир Костовски, Слободан Петровиќ, Борис Ноневски, Дубравка Рубен, Игор Старделов и мојата маленкост. Во првиот број беше поместена и Декларацијата од Делфи – Европската аудиовизуелна повелба. Со кориците (внатрешни и надворешни) накусо ја раскажавме природата на филмот: предна (надворешна) – прикажувач на латерна магика (гравура од Гаварни); предна (внатрешна) – Тишина, се снима! (Вон Штернберг на сет); задна (внатрешна) – Бастер Китон со големи ножици пред монтажна маса; задна (надворешна) – Бастер Китон меѓу два вагона, премрзнат, патува во непознат правец! Како филмот, на почетокот! Се сеќавам…“ – вели првата главна и одговорна уредничка на „Кинопис“, Илинденка Петрушева, во периодот од 1989 до 2016, по повод 30-годишнината на списанието, поместено, во „Кинопис“ бр. 55-56.