Промоција на „60 икони на Мајката Божја“ од Аријан де Сен-Марк, во превод на Тихомир Јанчовски

Во Музејот на македонската борба за самостојност вечерва во 18 часот ќе се одржи промоција на книгата „60 икони на Мајката Божја“ од Аријан де Сен-Марк. Преведувач и уредник е Тихомир Јанчовски, а делото ќе го промовира проф. д-р Елизабета Димитрова, авторка на предговорот кон македонското издание, што го издаде „Ултра“.

Со промоцијата постхумно ќе му се оддаде почит на Јанчовски (1967-2026) кој ненадејно почина кон крајот на јануари, оваа година. Воедно, веста дека книгата е излезна од печат беше неговиот последен пост на „Фејсбук“, каде Јанчовски беше многу присутен.

„Денес од печатница ми стигна книгата на која сум ѝ уредник и преведувач: „60 икони на Мајката Божја“, од Аријан де Сен-Марк. Излезе убава мошне. Промоцијата ќе биде за едно 40 дена. Ете, во Македонија, и покрај сè, се случуваат и убави работи. Книгата излегува поради личниот ентузијазам на конкретни личности, без помош и поддршка од која било институција. Тоа ја прави уште поубава“, напиша Јанчовски.

„60 икони на Мајката Божја“ е внимателно селектирана и богато анализирана збирка иконографски претстави на Богородица од 7 до 15 век. Делото ги опфаќа:
– клучните иконографски типови на Мајката Божја (Одигитрија, Елеуса, Платитера и др.);
– нивниот теолошки, уметнички и историски контекст;
– нивната улога во византиската и западната традиција.

Книгата нуди длабинска интерпретација на симболиката, стилските карактеристики и духовната димензија на иконите, претставувајќи ја Богородица како централна фигура во христијанската уметност и духовност низ вековите.

Аријан де Сен-Марк е авторка и истражувач посветена на изучување на византиската и средновековната христијанска уметност. Нејзината работа се фокусира на: иконографијата, духовната симболика, културното наследство поврзано со православната традиција, со посебен акцент на претставите на Богородица. Со ова издание, авторката создава мост помеѓу академската анализа и пошироката публика, правејќи ја темата достапна, разбирлива и релевантна за современиот читател.

Сподели