Промоција на петтиот роман на Фросина Пармаковска – „Сѐ уште можам нешто да сторам“

Во Салонот 19.19 при Културно-информативниот центар во 19.19 часот, ќе се одржи промоцијата на новиот роман „Сѐ уште можам нешто да сторам“ од Фросина Пармаковска. Книгата е во издание на „ИЛИ-ИЛИ“, а разговорот ќе го води новинарот Васко Попетревски. Пармаковска ќе проговори за процесот низ кој помина додека го создавала нејзиниот петти роман, кој наиде на добар прием кај читателите по неговото објавување во декември.

Романот „Сѐ уште можам нешто да сторам “ е роман за денешнината, за реалноста која е таква каква што ја гледаме, таква каква што ја живееме со сите недостатоци, предизвици и последици од стапиците што ни ги носи современото живеење.. Како и во другите романи на Пармаковска, и во овој роман се доминантни психологизацијата на главнот и останатите ликови од една страна, но и личните подеми, падови и резултирачкиот раст, созревање на главниот лик од друга страна. Ова е роман за суштинската промена однатре, промена која настапува како резултат на силни и длабоки потреси, искрени соочувања со Себеси, долги разговори во себе низ бројни непроспиени ноќи, роман за чудесното, соништата и постојаното поместување на границата помеѓу тие два света: реалното и чудесното.

Фросина Пармаковска (1985) е родена во Скопје. Дипломирала на Филолошки факултет, катедра за Општа и компаративна книжевност. Магистрирала на Институтот за македонска литература, на Културолошките студии. Авторка е на романите: „Пишувајќи ги изгубените топки“, „Вишнова хроника“, „Одбројување“ (роман на годината за 2017 г.) и „На враќање“.

Сподели