Програмски раководител назначен без систематизација, разрешени членови на Управен одбор во Националната галерија

Управниот одбор на галеријата е составен од пет члена – еден претставник од Град Скопје (претседател на УО), двајца надворешни членови и два члена од редовите на вработените во Галеријата кои се сменети. Директорот Али Синани вели дека не направил ништо што досега не било направено

Новиот директор на Националната галерија на Македонија Али Синани назначил програмски раководител, иако според правилникот за систематизација не постои вакво работно место, велат вработени во Галеријата. Синани објаснува дека за оваа одлука го советувала правничката, а програмски раководител му е неопходен за да тече работата во институцијата.

Умно.мк еден месец ги истражува состојбите со Националната галерија кои зовреа во јули, откако Синани беше назначен за директор. На конкурсот за директор на Галерија објавен во април се пријавиле и три реномирани историчарки на уметност, кустоси кои со години работат во Галеријата. Маја Неделковска-Брзанова, Маја Чанкуловска-Михајловска и Ана Франговска тврдат дека изборот на директорот е политичка одлука, што не смее да се дозволи во културна институција од национално значење.

Али Синани

На прашањето зошто е назначено лице на непостоечко работно место (според Правилникот), Синани вели:

– Мислев дека е дел од систематизацијата. Така ме советуваше правничката, бидејќи не сум дел од оваа установа, ми треба човек за да ја води програмата. Мора да се постави, оваа позиција е неопходна. Се трудам за доброто на институцијата и треба сите да соработуваме. Се чудам што наидувам на ваков отпор. Јас долго време живеев во Швајцарија, имам контакти со врвни уметници и можам да придонесам за развој на Галеријата – вели Синани.

Една од промените со неговото назначување е промена на членовите на Управниот одбор на галеријата. Ова петчлено тело го сочинуваат еден претставник од Град Скопје, двајца надворешни членови и два члена од редовите на вработените во Галеријата. Сменети се само вработените во галеријата – Маја Чанкуловска-Михајловска и Елена Алексоска.

Според Чанкуловска-Михајловска, од Архивата на Националната галерија ù бил доставен документ дека заедно со Алексоска брзо и експедитивно се разрешени од министерот, на барање на директорот на Галеријата. Таа вели дека конкретно образложение не е наведено.

Маја Чанкуловска-Михајловска

– Во дописот пишува кои се критериумите за разрешување на членови на Управен одбор пред завршување на мандатот, односно дека членовите можат да бидат сменети доколку е работено спротивно на Закон или установата не ја остварува својата функција. Не е наведено ниту едно прекршување кои ние како членови сме го направиле, затоа што такво нешто воопшто и не постои. Сменети се само членови од редот на вработените на установата, што од своја страна е исклучително контрадикторно, бидејќи одлуките кои ги донесуваше овој Управен одбор беа едногласни, а претседател на истиот е правник со долгогодишно искуство – вели Чанкуловска-Михајловска.

Таа не е изненадена од одлуката.

– Во насока на евидентен реваншизам, не би ме чудело и разрешување и од другите работни групи и комисии во кои сум именувана токму од страна на Министерството за култура и туризам заради мојот професионален интегритет и искуство во музејската дејност. Години наназад е значителен и докажан мојот личен придонес во унапредување на оваа дејност кај нас, промоција на македонското културно наследство на меѓународно ниво, со повеќе награди и признанија, не само лични, туку и институционални. Од друга страна, во однос на функционирањето на установата, во случајов придонесот (личен и заеднички со моите колешки) е исто така докажан преку заедничкото долгогодишно дефинирање на стратешките цели, односно мисијата и визијата на Националната галерија преку реализираните обемни годишни програми во изминативе години, тековните и предложените за 2026 година, успешната реализација на многу проекти (квалитативно и квантитативно во однос на музејската и галериската дејност се истакнале како водечки во македонски рамки) кои го промовираат македонското културно наследство, а сите се наведени во биографијата која беше приложена на конкурсот – децидна е Чанкуловска-Михајловска.

Според Синани, смената на членовите на УО не е поради никаков реваншизам, туку само постапил идентично како неговата претходничка.

– Како постапила таа кога станала в.д. директорка, идентично постапив и јас. Мојата одлука не се заснова на реваншизам, ниту на политика. Се кандидирав за оваа позиција за да ги искористам моите врски со познати светски уметници и да градам мостови со Европа – вели Синани.

Ана Франговска, Маја Неделковска-Брзанова и Маја Чанкуловска-Михајловска (од лево кон десно)

Неделковска-Брзанова, Чанкуловска-Михајловска и Франговска ја продолжуваат постапката за која најавуваат и судски процес. На прашањето каде е најголемиот револт од целата ситуација со конкурсот и изборот на директор, Франговска вели:

– Револтот е пред сè професионален и граѓански – насочен против партизацијата и занемарувањето на стручните критериуми. Постапката што ја поведуваме, вклучувајќи ја и судската, е реакција на процес кој го игнорираше професионалниот интегритет и транспарентноста што вакви избори мора да ја имаат. Имам почит кон назначениот колега, но неговото досегашно искуство е насочено главно кон личната уметничка практика, а не кон институционално управување, музејска работа или заштита на културното наследство. Националната галерија бара лидер со длабоко разбирање на овие процеси и со подготвеност да ја носи одговорноста што ја подразбира функцијата. Ова не е борба за позиција, туку за принцип – дека институциите треба да се водат според квалитет, искуство и стручност, а не според политички договори. Продолжувањето на постапката е начин да се покаже дека овие вредности не смеат да останат само празни зборови – вели Франговска.

(ПРОДОЛЖУВА во понеделник)

Сподели