Работилниците со примена на Escape room-пристапот и 5Е-моделот ќе бидат одржани во рамките на Третата меѓународна конференција за образованието по математика, физика и сродни науки која ќе се одржи од денеска до недела на Природно-математичкиот факултет во Скопје

Иновативни работилници наменети за ученици од различни средини, наставници во основни и средни училишта, студенти-идни наставници, креатори на образовни политики и научната заедница ќе бидат одржани на Третата меѓународна конференција за образованието по математика, физика и сродни науки која ќе се одржи од денеска до недела на Природно-математичкиот факултет во Скопје. Конфренцијата ја организираат Сојузот на математичарте на Македонија (СММ), Друштвото на физичарите на Република Македонија (ДФРМ), Институтите за математика и физика и ПМФ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Предвидени се многу разновидни активности, а една од нив се работилниците со примена на Escape room-пристапот и 5Е-моделот.

Escape room методот се применува во образовниот процес последниве неколку години. Кај нас за првпат го презентираше д-р Марина Стојановска, професорка на Инстититутот за хемија при ПМФ, на семинарите за наставниците по хемија од основните и средните училишта во 2019 година.

Д-р Марина Стојановска

– Се работи за пристап базиран на игра, преку кој учениците на интересен, забавен и несекојдневен начин учат, истражуваат, одговараат на прашања… Целта на учењето базирано на игра е осмислување на едукативни активности поврзани со концепти кои се изучуваат по определен предмет, а пристапот е поатрактивен од оној во традиционалната училница – објаснува Стојановска.

Во една типична escape room активност, учесниците се „заклучени“ во просторија и се обидуваат да ги решат загатките за да „побегнат“. Обично, на почетокот се смислува приказна која ќе ги заинтересира учениците, а во училница најзгодно е да се работи со кутии заклучени со катанчиња во кои е скриена награда.

– Преку вакво иновативно и интерактивно поучување, учениците развиваат техника на решавање проблеми и стекнуваат практични вештини на нов и несекојдневен начин. Преку вакви активности се развиваат критичкото и креативното размислување, вештините на истражување, но и донесувањето одлуки, соработката, комуникацијата и развивањето позитивни ставови кон предметот. Се става акцент на тимската работа, а сите ученици се активно вклучени во активноста. Сепак, еscape room активноста не треба да биде само забава, туку треба да нуди можности учениците да учат или да го повторат наученото на поинаков начин – објаснува Стојановска.

Методи што покажуваат добри резултати

Работилниците се дел од поширок Еразмус проект под наслов „Разновидноста во природните науки низ социјална инклузија – неформално образование по природни науки и ученичка разноликост“ (DiSSI). Стојановска е раководителка на проектот од македонска страна, а вклучени се и професорите Катерина Русевска, Ламбе Барандовски и Владимир Петрушевски, сите од ППФ. Покрај Македонија, вклучени се и партнери од Германија (главен координатор), Велика Британија, Ирска и од Словенија.

Според Стојановска, главни цели на проектот се развој и примена на иновативни методи и примери за добри практики за справување со различни димензии на различноста (разлики во јазични вештини, културни разлики, социо-економски разлики, етнички разлики и работа со талентирани ученици), поддршка на наставниците, едукаторите и лидерите на образовните институции во справувањето со различноста и зголемување на мотивацијата и интересот на учениците за природните науки.

Според Стојановска, убавината на конференцијата е што на едно место се собираат голем број наставници по математика и природни науки од целата држава. Тие ќе презентираат дел од своите наставни практики и истражувања, ќе можат да дискутираат и разменуваат идеи.

– И за нас ова е одлична можност да ги промовираме наставните пристапи осмислени во рамки на проектот DiSSI пред наставниците и да го слушнеме нивото мислење. Во рамките на конференцијата се планирани вкупно 6 работилници, наменети за наставниците по природни науки во основните и средните училишта. Опфатени се повеќе области од природните науки, па така наставниците ќе имаат можност да учествуваат во некои од работилниците од хемија (тема гасови), физика (тема струјни кола) и биологија (тема екологија). Учесниците на работилниците ќе добијат и печатен материјал во форма на прирачник со детален опис, начин и совети за нивна примена, како и сертификат за учество – објаснува Стојановска.

Според Русевска, вонреден професор на Институтот за биологија, на работилниците ќе бидат претставени активности кои може да најдат примена во наставата, а се базираат на учење преку истражување (Escape room активности) и учење преку истражување (со примена на 5Е методот).

Д-р Катерина Русевска

– Целта на едукативните игри е запознавање, објаснување или повторување на концептите на еден поинтересен и интерактивен начин, за разлика од вообичаената практика во традиционалната училница. Пристапот базиран на игра овозможува развивање на позитивни ставови кон предметот, целосно ангажирање и ментално вклучување на учениците во активноста, можност за истовремено учење и забава, негување на комуникацијата и соработката меѓу учениците, зголемување на мотивацијата кај учениците, развивање вештини за решавање проблеми, промовирање на критичкото и креативното размислување, поголема самодоверба на учениците, посигурно донесување одлуки и развивање вештини кои им се потребни на учениците во текот на нивниот живот – објаснува Русевска.

Учење базирано на истражување

Придобивките од учењето базирано на игра се огромни и затоа овој метод треба да се негува, сметаат проефсорките. Како што вели Волт Дизни: „Секое дете се раѓа благословено со жива имагинација. Но, како што мускулите стануваат млитави доколку не се користат, така и имагинацијата на детето избледува во подоцнежните години ако престане да се вежба“.

– Кога сме кај изреките, веруваме дека многумина ја знаат поговорката „Кажи ми, ќе заборавам; покажи ми, ќе запомнам; вклучи ме, ќе разберам“. Последниот дел, всушност, се однесува на учењето базирано на истражување. Освен вклученост на учениците што води до разбирање, овој пристап подразбира поседување вештини и ставови кои дозволуваат барање решенија и поставување прашања при конструирање на новото знаење – вели Стојановска.

Учењето базирано на истражување е еден вид активно учење што започнува со поставување прашања, проблеми или сценарија. За разлика од традиционалниот начин на образование, кое се потпира на наставникот кој ги изнесува фактите и сопственото знаење за предметот, овој пристап кон учењето ја нагласува улогата на ученикот во процесот на учење, а наставникот е модератор во целиот тој процес, кој преку насочено учење, истражување и дискусија им помага на учениците да го изградат своето знаење.

– Придобивките од учењето базирано на истражување се многубројни. Овој пристап го нагласува искуството на учениците преку активно вклучување во наставата, го продлабочува нивното разбирање, овозможува да го конструираат своето знаење, подолго да ги запомнат научените концепти, развива вештини потребни за сите области на учење, ја поттикнува љубопитноста и мотивираноста, создава љубов кон учењето. Поучувањето, особено она по природни науки, не треба да се сведе на меморирање факти, туку да се сфати како начин на учење и размислување, кој ќе овозможи правилен развој на младите научници во училницата. Ваквиот начин на поучување овозможува учениците да развијат нови знаења кои се надоврзуваат на нивните претходни знаења и научни идеи, се преструктурираат и се додаваат новонаучените информации, а при тоа се развива и способноста за нивно поврзување, како и примена во секојдневниот живот. Од друга страна, треба да се истакне фактот дека учењето е под влијание на социјалната средина на учениците, овозможувајќи тие да учат едни од други и полесно да го пренесат новото знаење во реалниот живот. За современото образование, вештините и способноста да се продолжи со учењето треба да бидат најважните исходи – вели Русевска.

Првата фаза од проектот опфаќа три теми од приодни науки земајќи предвид само една димензија на разновидност во неформална средина и осмислени се конкретни наставни материјали. По споделувањето на активностите меѓу партнерите и дискусија, ќе бидат подготвени дополнителни наставни материјали применувајќи ги алатките и стратегиите од останатите димензии на разновидност. Материјалите од сите пет партнери во проектот ќе бидат бесплатно достапни на веб страницата на DiSSI проектот.
Според професорките, сево ова придонесува да се остварат долгорочните цели. Одржливоста на проектот се гледа во долготрајниот ефект преку едукација на учениците за значењето на природните науки во секојдневниот живот, зголемувањето на нивната мотивираност за изучување на природните науки и размислување за идна кариера поврзана со СТЕМ.

Активностите се насочени и кон вештини потребни во нивниот секојдневен живот како што се, соработка, комуникација, донесување одлуки, емпатија, тимска работа, самодоверба.
– Ова ќе го олесни нивното идно учество во општеството како одговорни граѓани. Од големо значење е и едукацијата на сегашните и идните наставници кои работат со ученици и имаат директна можност за имплементација на резултатите во училница, како и нашата лична едукација. Ова е дел и од нашиот професионален развој и доживотно учење, така што и ние можеме да научиме како да се справуваме со различноста при нашето поучување. Тука помага и споделувањето на искуствата со другите партнери. Според тоа, нашата крајна цел е овие активности да „заживеат“ и да се применуваат во наставата уште долго по завршувањето на овој проект – вели Стојановска.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.