Професија сеизмолог – каде во Македонија се образуваат кадрите што ги истражуваат земјотресите

Непредвидливоста, спонтаноста, секојдневната различност во работните обврски кои произлегуваат од ненадејната појава на земјотреси, но и примената на сè она физичко што сум го научил за време на студирањето, беа пресудни за моето поле на научен интерес да се промени во геофизика, поточно сеизмологија – вели Љубчо Јованов, дипломиран инженер по форензичка физика, во моментов виш лаборант во Сеизмолошката опсерваторија

Иако живееме во современ, технолошки развиен свет, предвидувањето на земјотресите сè уште е научна мистерија за која немаме одговор. Непредвидливоста и неможноста да се следат сите процеси во внатрешноста на земјата и предизвикуваат земјотреси остануваат главна пречка во нивното предвидување, вели Љубчо Јованов, дипломиран инженер по форензичка физика, во моментов виш лаборант во Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје.

Љубчо Јованов

Земјотресите не биле секогаш во фокусот на научниот интерес на Јованов. Како и повеќето луѓе, освен по некоја вест за катастрофален земјотрес во светот или некој почувствуван земјотрес во Македонија, за сеизмологија и воопшто немал слушнато. Уште како средношколец во родниот Велес бил сигурен дека ќе продолжи со изучување на некоја од природните науки, математика или физика. Применливоста на физичките закони и принципи во објаснувањето на секојдневието натежнале во вагањето и одлуката паднала да студира физика.

– Од сите понудени студиски програми во тоа време, најинтересна ми изгледаше насоката форензичка физика. Секојдневното следење на криминалистички серии и филмови преку кои се запознавав со начинот на работа на едно стручно лице – форензичар, дополнително ме намамија да ја одберам студиската програма по форензичка физика. Од денешна гледна точка, иако моето образование го продолжив во друга насока, таа одлука ми беше една од најдобрите – ја почнува Јованов својата приказна.

Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје

Во текот на студиите на Институтот за физика при ПМФ, за прв пат се сретнал со геофизиката како научна област и сеизмологијата како нејзина научна дисциплина. По дипломирањето добил награда за најдобар студент на Институтот за физика за учебната 2019/2020 година. На покана на професорката Драгана Черних, тогашен раководител на Опсерваторијата, се пријавил на отворениот конкурс за вработување во опсерваторијата.

– И се вработив. Првите неколку дена поминати во опсерваторијата беа клучни за мене. Непредвидливоста, спонтаноста, секојдневната различност во работните обврски кои произлегуваат од ненадејната појава на земјотреси, но и примената на се’ она физичко што сум го научил за време на студирањето, беа пресудни за моето поле на научен интерес да се промени во геофизика, поточно сеизмологија – вели Јованов.

Работни обврски во Сеизмолошката опсерваторија

Како за сите студенти, така и за него, првиот семестар од студиите на Институтот за физика му биле збунувачки. Нови правила, нов начин на работа, одеднаш си вклучен во лабораториска работа, се сочуваш со посложени нумерички проблеми и задачи и всушност сам ги согледуваш сите образовни недостатоци од средното образование кои се преточуваат и во високото…

– Со малку повеќе труд, подолготрајно посветување на науката и професионалниот пристап и желбата на наставниот кадар да им помогне на студентите во совладувањето на материјата, процесот станува полесен. Својата заложба за ефективно преточување на знаењето, професорите го покажуваа и преку нивната отвореност кон студентите – консултативни средби може да се закажат во секој момент, доколку е потребно се организираат и дополнителни часови, доделуваат дополнителна, лесно читлива и сфатлива литература и слично – објаснува Јованов.

Тој во моментот е во завршна фаза на вториот циклус студии по Геофизика, со посебен акцент на сеизмологијата. Главно поле на истражување му се сеизмички и тектонски карактеристики на територијата на Македонија и анализа на физиката на сеизмогените жаришта и сеизмички хазард.

– Во моментов работам на магистерската работа токму на проблематика од овие области. Извршувањето на секојдневните работни обврски во Опсерваторијата, пак, ја наметнуваат потребата од проширување на знаењата во областа на анализа на сеизмолошки податоци, макросеизмика, сеизмометрија и сл. Секоја од овие области од сеизмологијата си има своја посебна убавина, нуди посебно адреналинско доживување и мами кон продлабочување на знаењата – дециден е Јованов.

Едукативна дејност

Сеизмолошката опсерваторија е составна единица на ПМФ, но образовните и научните кадри се создаваат на Институтот за физика. Професорите вработени во Сеизмолошката опсерваторија, покрај научната дејност во опсерваторијата, ја опслужуваат и наставната дејност на стручните предмети на студиската програма по Геофизика и метеорологија од прв и Геофизика од втор циклус на студии на Институтот за физика. Практичните, лабораториски вежби кои се задолжителни за студентите се изведуваат во просториите на опсерваторијата.

– Преку овие вежби, секој љубител на сеизмологијата може и одблиску да се запознае со начинот на работа, убавината на науката и работната атмосфера со која би се соочил при евентуално вработување во опсерваторијата. Покрај наставната, опсерваторијата обработува и едукативна дејност како единствена институција во државата од ваков карактер. Спроведуваме едукативни предавања и работилници, во просториите на опсерваторијата во Скопје или со посета на училиштата – објаснува Јованов.

Според него, единствената цел на овие предавања е да се доближи науката до младите, да се поттикнат да се насочуваат во насока на научни делувања и да се запознаат со мерките за заштита од земјотрес како основен предуслов за избегнување на катастрофални последици при земјотреси, кои во нашата држава стануваат секојдневие. Јованов е активно вклучен во овие предавања и работилници и вели дека се добредојдени сите заинтересирани читатели, млади и стари, љубители на науката кои одблизу да се запознаат со една од најзастрашувачките природни непогоди – земјотресите. На прашањето кои посетитетли се најинтересни, Јованов вели:

– Секоја група на ученици е приказна за себе, со посебни интереси. Објаснувањето на начинот на регистрирање на земјотресите и можноста за креирање на вештачки земјотрес која ја нудиме при посета на опсерваторијата се најинтересен дел од предавањата. Но, бидејќи големо внимание се придава и на објаснување на мерките за заштита при земјотрес, учениците често знаат да прашаат за тоа како би требало да реагираат во една или во друга ситуација, што треба да им е приоритет при евакуација и сл. Кога овие прашања ќе се надополнат со по некој научен факт кој децата го прочитале или слушнале, се добива впечаток дека се дискутира со возрасни, за многу сериозни теми. Тоа покажува дека интересот на децата кон сеизмологијата огромен иако кај нас сè уште е недоволно промовирана.

Може ли науката да предвиди земјотрес?

Јованов објаснува, дека иако живееме во современ, технолошки развиен свет, предвидувањето на земјотресите сè уште е мистерија за која науката нема одговор. Непредвидливоста и неможноста да се следат сите процеси во внатрешноста на земјата, а се предизвикувачи на земјотресите остануваат главна пречка во предвидувањето на земјотресите.

– Сепак, значителен број на научници во светот работат на оваа проблематика. Дел од истражувањата се водат во насока на наоѓање на врска помеѓу ниско фреквентните звуци од внатрешноста на Земјата и вознемирувањето на животните пред силни земјотреси, дел во насока на користење на вештачката интелигенција и креирање на системи за рано предупредување. Но, за сега, докази за успешно предвидување на земјотрес во светот сè уште не постојат – вели Јованов.

На прашањето што би им порачал на сите матуранти ои периодов треба да одлучат што ќе студираат, тој вели дека ПМФ е еден од најдобрите избори, зашто продуцира висококвалитетни кадри, конкурентни на пазарот за вработување.

– Студиите по физика, особено по Геофизика, нудат огромна палета на можности за истражувања поразлични од останатите. Нудат можност за брзо и лесно вработување на динамични, високо адреналински, непредвидливи и примамливи работни места како во академија, така и во приватен сектор – завршува Јованов.

Фото: Сеизмолошка опсерваторија

Сподели