Контрола на животната средина при чистењето на токсичниот линдан во ОХИС е основна цел на новата лабораторија

Линданот се користел како инсектицид за заштита на растенијата по Втората светска војна, но во седумдесетите години било забележано, а потоа и потврдено неговото токсично дејство врз човекот, животните и растенијата, објаснува проф. д-р Марина Стефова

Отстранувањето на 30.000 тони токсичен линдан заедно со илјадници тони загадена почва во скопската фабриката ОХИС треба да почне во следните месеци. Ова е главната причина за отворањето на Лабораторијата за хроматографски анализи на Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет во Скопје чија основна цел ќе биде контрола на животната средина при чистењето на заостанатиот линдан и неговите изомери од кругот на ОХИС, кое ќе започне во следните месеци. Лабораторијата постои и работи веќе 20 години, но деновиве беше промовирана новата опрема, донација од Норвешка. Д-р Марина Стефова, редовен професор на Институтот за хемија и раководителка на Лабораторијата за хроматографски анализи вели дека опремата ќе има поширока примена.

Деновиве на Институтот за хемија беше промовирана новата Лабораторијата за хроматографски анализи. Со каква опрема располага лабораторијата, за што ќе служи?

– Лабораторијата за хроматографски анализи, како организациска единица на Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет на УКИМ е официјално формирана минатата година, но истражувањата кои користат хроматографски техники за аналитички цели се вршат повеќе од 20 години. Таа опфаќа две лаборатории: лабораторија за течна хроматографија која функционира од 1995 година и во која се работат истражувања на карактеризацијата на биоактивни супстанци со антиоксидантна активност во храна, вино, лековити растенија, фармацевтски препарати итн. Благодарение на објавените резултати од овие истражувања, на светот му се достапни податоци за полифенолниот профил на нашиот планински чај, грозје и македонските вина, како и на боровинки, аронија, црно гоџи и на различни лековити и ароматични растенија, диворастечки и одгледани во лабораторија. Лабораторијата за гасна хроматографија исто така работи веќе дваесетина години и во неа се реализирани повеќе проекти за развој на методи за идентификација и квантификација на пестициди во примероци од околината, како и студии за присуство на пестициди во водите во различни региони во Македонија.

Проф. д-р Марина Стефова (прва од лево кон десно) со колегите од Институтот за хемија

Токму оваа лабораторија е актуелна во моментов бидејќи таа прерасна во лабораторија за анализа на хексахлороциклохексани или поточно на линдан, кој е γ-хексахлороциклохексан и неговите α-, β-, δ- и ε- изомери, или со едно име сите хексахлороциклохексани (анг. HCHs – hexachlorocyclohexanes). Добиен е гасен хроматограф со детектор со зафаќање на електрони (анг. еlectron-capture detector, ECD) и дополнителна опрема и потрошен материјал донирани од страна на Кралството Норвешка, преку проектот Нордиска поддршка за напредок на РС Македонија кој го спроведува – Канцеларијата на Обединетите Нации за проектни услуги (UNOPS). Оваа лабораторија е резултат на нашата иницијатива која беше поддржана од Министерството за животна средина и просторно планирање за воспоставување на лабораторијата за анализа на HCHs во воздух и почва. Нејзината основна цел ќе биде контрола на животната средина при чистењето на заостанатиот линдан и неговите изомери од кругот на ОХИС, кое ќе започне во следните месеци, и за таа цел оваа лабораторија се подготвува за акредитација според стандардот за лаборатории за тестирање 17025.

Министерството за животна средина и просторно планирање најави дека ќе се врши независен мониторинг и контрола на ефектите на чистењето на линданот во ОХИС. Велат дека операцијата за чистење е сложена. Како експерт, може ли да ни ги објасните својствата на линданот – за што се користел во ОХИС, колку долго, како ја загрозува животната среднина и здравјето на луѓето?

– Линданот се користел како инсектицид за заштита на растенијата по Втората светска војна, но во седумдесетите години било забележано, а потоа и потврдено неговото токсично дејство врз човекот, животните и растенијата и затоа постепено се ограничувало неговото производство и употреба. Поради својата липофилност, линданот има способност да навлегува во живите организми и да се акумулира, а потоа да манифестира токсичност врз нервниот систем, да ги наруши имунолошките функции, како и развојот и размножувањето на организмите. Конечно, во 2010 година линданот и неговите α- и β-изомер се ставени на листата на забранети супстанци од Стокхолмската конвенција, чиј потписник е и нашата земја од 2001 година. По забраната останаа повеќе депонии со линдан и неговите изомери во светот, кои сè уште се голема закана за животната средина поради својата стабилност, можност за распространување и биоакумулација и на тој начин навлегување во синџирот на исхрана.

Извор: Физибилити студија

Во периодот на масовна употреба на линданот бил отворен и погонот за негово производство во скопски ОХИС во кој, во периодот од 1965 до 1972 година, биле произведени повеќе од 1500 тони со процесот на хлорирање на бензен. Притоа, покрај линдан (γ-хексахлороциклохексан), кој бил застапен со 10% во целиот продукт, биле добивани и неговите изомери α-, β- и δ-хексахлороциклохексан, кои биле складирани во кругот на фабриката. Токму овие нуспроизводи од производството на линдан во огромни количества, според проценките околу 30.000 тони заедно со загадената почва во непосредна близина, сè уште се наоѓаат во бетонски базени во кругот на ОХИС и конечно треба да започне процесот на нивно отстранување во следните месеци.

За што друго може да се користи лабораторијата?

– Лабораторијата може да се користи за анализа на испарливи халогенирани органски соединенија во примероци од различно потекло како што се органохлорни пестициди и полихлорирни бифенили, но овој гасен хроматограф е опремен со уште еден универзален детектор како и со уред за внесување на проба во гасна фаза, што овозможува негова примена и за анализа на најразлични испарливи органски соединенија. Во нашата лабораторија за гасна хроматографија започнаа истражувања и за воведување на методи за следење на присуството на испарливи органски супстанци во водухот, што е многу актуелно со оглед на големото аерозагадување и потребата за добивање на информации и за органски загадувачи во воздухот, покрај за оние вообичаените кои редовно се следат. Очекуваме и уште дополнителна опрема која ќе овозможи проширување на опсегот на лабораторијата за идентификација и квантификација на различни супстанци и со тоа ќе можеме да се вклучиме во програми за следење на јаглеводороди, ароматични соединенија, како и на полиароматични јаглеводороди (анг. PAHs – polyaromatic hydrocarbons) кои се предмет на редовен мониторинг во развиените земји.

Како оваа инвестиција ќе се одрази на образовната и научно-истражувачка дејност на Институтот? Каква придобивка ќе имаат истражувачите и студентите?

– Лабораторијата за хроматографски анализи функционира како научноистражувачка и апликативна лабораторија и вложувањата во нејзиното опремување ќе придонесат за нејзиното етаблирање во земјата и регионот како специјализирана аналитичка лабораторија за развој и примена на методи за детекција и мерење на органски загадувачи во животната средина. Нашата долгорочна цел е надградување и зајакнување на капацитетите на лабораторијата со опрема и кадар и постојано подобрување на компетентноста и компетитивноста за справување со најразлични аналитички проблеми. Со тоа, лабораторијата ќе ѝ служи на заедницата со вклучување во програми за мониторинг на органски загадувачи во животната средина како една од неопходните алатки за справување со загадувањето, а од друга страна ќе работи на постојана едукација на компетентни хемичари способни за справување со различни аналитички проблеми во компаниите и институциите.

Измина цела академска година во пандемија. Како ја поминавте на Институтот, од што сте задоволна, а што можеше подобро?

– Оваа академска година, како и минатата, беше специфична со многу предизвици за нас и студентите. Се прилагодивме на вонредните услови и многу сме задоволни од реализацијата на теоретската настава и посетеноста од страна на студентите. На наша голема радост, последниот месец од овој летен семестар се вративме со студентите во лабораторија и, после цела година онлајн настава и вежби со видео клипови, конечно беа реализирани вистински лабораториски вежби. Се надевам дека епидемиолошките услови и колкетивниот имунитет ќе ни дозволат од октомври да се вратиме на настава со студентите во амфитеатрите и лабораториите бидејќи директната комуникација е незаменлива за пренесување на знаења и дискусии за различни прашања, кои притоа се појавуваат. Секако дека ќе ги задржиме дигиталните алатки во наставата и комуникацијата со студентите, кои во овој период интензивно ги користевме и ја увидовме ползата од нив, но со радост го очекуваме враќањето во предавалните и лабораториите и џагорот на студентите на институтот.

За месец и пол почнуваат уписите за академската 2021/2022 година. Зошто матурантите да го изберат Институтот за хемија како место каде ќе го продолжат своето образование?

– Институтот за хемија, како и ПМФ отсекогаш биле посветени на образовната, но и на научноистражувачката работа, а во последните години интензивно и на соработката со компаниите, кои сè повеќе бараат дипломирани хемичари за своите лаборатории и погони. На Институтот за хемија се студира хемија на три студиски програми: применета хемија („стандардни“ студии по хемија, како и било каде во светот), аналитичка биохемија (студии по хемија благо ориентирани кон биохемиски лаборатории) и наставна хемија (студии за професори по хемија во средно образование). Поголем број од студентите на хемија добиваат стипендии од МОН, а постојат и други придобивки како што се ослободување од школарина за студенти со висок просек (тоа е одлука на управата за сите студенти на Природно-математичкиот факултет), како и можност за платени пракси во компаниите, студентски размени преку Еразмус програмата, вклучување во научноистражувачка работа уште за време на студиите и други активности. Но, најважно од сè е тоа што по завршувањето на студиите, дипломираните хемиски инженери и професори по хемија си го наоѓаат своето место во компаниите и институциите, училиштата и лабораториите, кај нас и во светот, бидејќи хемијата е универзална наука применлива во многу области (медицина, фармација, храна, материјали, енергетика, животна средина), а на Институтот за хемија се работи напорно и се стекнуваат знаења и вештини кои се сè повеќе барани и ценети на пазарот на трудот.

 

Сподели