Проф. д-р Розалина Попова Коскарова одржа работилница на тема зошто е важен филмот во наставата

Проф. д-р Розалина Попова Коскарова, професорката од Педагошки факултет и авторка на научниот труд „Застапеноста и значењето на филмот во образованието“ го презентираше нејзиното истражување на  Филмската училница за наставници и професори, што во саботата се одржа во Кинотеката. Попова-Коскарова одржа работилница на темата „Значење и примена на филмот во наставата“. Таа потсети дека филмот како медиум е застапен во наставните програми уште од 60-тите години на минатиот век. Таа говореше за користењето на филмовите и филмските материјали како наставно средство во изучувањето на литературата и историјата, меѓу останатите предмети, охрабрувајќи ги наставниците да ги користат екранизираните форми на литературните дела и историските настани во едукативните процеси.

Вториот дел од оваа сесија на Филмската училница, што ја води режисерката Марија Џиџева, продолжи со прикажувањето и анализирањето на домашните задачи на учесниците од минатата сесија. Тие снимаа видеоматеријал во еден кадар со мобилен телефон и во него опсервираа некој предмет или дејствие кои им го привлекле вниманието. Учесниците потоа гледаа и анализираа три македонски краткометражни документарни филмови од 60-тите години на минатиот век.

Во реализацијата на Филмската училница учествуваат и: Владимир Ангелов, Александра Младеновиќ, Бојан Станишиќ, Александар Трајковски, Дамјана Ивановска, Стојан Синадинов, Игор Старделов, Петар Волнаровски, Тихомир Кашмицоски, Игор Богоевски.

Едукативниот проект е поддржан од Министерството за култура и во него се вклучени десетина средношколци кои низ различни едукативни содржини и интерактивно-креативно учење во период од десет недели се запознаат со националното аудио-визуелно културно наследство. Учесниците под менторство на филмската и ТВ режисерка Марија Џиџева имаат можност да гледаат филмови од архивот на Кинотека, да анализираат филмски дела и да ги запознаат основите на филмската историја и на филмскиот јазик.

Сподели