Новата концепција треба да биде базирана на долгорочни статистички анализи, меѓународни компаративни студии на успешни образовни системи, потребите на високообразовните институции и пазарот на труд, како и на вклучување на универзитетските експерти, наставничките факултети и струковите здруженија во процесот на нејзино креирање
Дали Македонија свесно го уништува потенцијалот на младите во државата, движејќи се кон модел што системски го намалува изучувањето на базичните научни дисциплини во завршните години од средното образование? Според проф. д-р Ламбе Барандовски од Институтот за физика при Природно-математичкиот факултет во Скопје и претседател на Друштвото на физичарите на Република Македонија, ова сериозно прашање го отвора новата предложена Концепција за гимназиско образование која деновиве е предмет на јавна расправа. Документот кој беше предложен пред една година деновиве како да падна во сенка поради фокусот на Законот за високо образование за кој зборува стручната и пошироката јавност. Според Министерството за образование и наука, „новиот предлог е резултат на сеопфатна анализа и вградување на забелешките, сугестиите и предлозите добиени за време на јавната расправа одржана во текот на минатата година, како и од дополнителни стручни консултации. Концепцијата е унапредена за појасно да се дефинира улогата и значењето на гимназиското образование во современиот образовен систем.“ Ви го пренесуваме интегрално ставот на Барандовски за предлог-концепцијата:
Концепцијата која се предлага во моментов претставува документ кој вреди помалку од листовите хартија на која ќе биде испечатена. После цела година доработување на документот, создавачите не најдоа разумно да прифатат речиси ниту една од забелешките кои експертската јавност пред една година ги упати до нив. Да биде потрагично, предлогот на концепцијата започна да се воведува во гимназиите уште од оваа година. Се изготвија наставни програми за предметите во гимназиите по кои моментално учи првата генерација. На крајот на оваа година беа изготвени наставни програми и МОН објави конкурс за учебници за втора година. Така што Концепцијата веќе на мала врата се применува во гимназиското образование без официјално да биде донесен документот.
Разликата од документот пред година дена и тој од денес е во дополнителното деградирање на гимназиското образование во трета и четврта година, тргнувајќи од небулозни тврдења добиени со таканаречени „инцест-анкети“. „Инцест-анкетите“ наведени во концепцијата може слободно да послужат како текст во учебници по статистика како не треба да се прават и да се изведуваат погрешни заклучоци: Во анкетите изготвувачот ги анализира само своите тековни учесници (ученици и наставници), податоците не се добиени од луѓето кои се надвор од системот на гимназиско образование и реформата се оправдува со мислењата на истите актери што функционираат во него. Во нашиов случај на анализа на потребите за реформи на гимназиското образование: не се врши споредување со надворешни стандарди; не се користени независни научни анализи; не се користени долгорочни резултати; и најважно не се анализира последиците по високо образование или економијата. Навистина е жално денес при целокупната достапност на информации и можен пристап до нив нам ни се нуди Концепција каква што не постои никаде во светот! Да потсетам, предлогот кој беше изготвен во јануари 2025 година наликуваше многу на американскиот гимназиски систем, а овој предлог повеќе наликува на стерилен мутант на истиот.
Во современиот свет, технолошката моќ на една држава не се мери само преку странските инвестиции, индустријата или економијата, туку преку нивото на научна писменост на генерациите што ги образува. Токму затоа, секоја образовна реформа што го засега гимназиското образование мора да се оценува не според декларативните цели кои како список на пусти желби се наведени во сегашната, а и предлогот од јануари 2025 година, туку според тоа дали ја зајакнува или ја ослабува научната основа на идните генерации.
Предложената Концепција за гимназиско образование отвора сериозно прашање: Дали Македонија свесно се движи кон модел што системски го намалува изучувањето на базичните научни дисциплини во завршните години од средното образование, а со тоа и свесно се уништува потенцијалот на младите во државата?
Раната редукција на STEM предметите претставува стратегиска образовна грешка. Би рекол грешка ако се прави од незнаење, но после севкупните укажувања на стручната и научната фела на првата верзија на овој документ, продлабочувањето на грешката води кон заклучок дека во Македонија се оди на свесно уништување на гимназиското образование. Во предложениот модел, природните науки и информатиката се концентрираат во првите две години, а во третата и четвртата година се сведуваат на ограничен избор. Бројот на часовите од математика е помал од бројот на часовите на странските јазици, како да ни е целта што побрзо да се избркаат младите во некоја друга држава.
На прв поглед и по уверувањата на предлагачите, ова се претставува како модерна флексибилност, но во реалноста, тоа претставува рана академска редукција на научната основа. Во најразвиените образовни системи во светот како што се Германија, Финска, Јапонија, Јужна Кореја и Сингапур, средното гимназиско образование има јасна функција: да обезбеди стабилна научна основа за сите ученици до самото завршување на школувањето и ниту еден од овие системи не ја третира гимназијата како место за рано елиминирање на базичните науки.
Причината е едноставна: современите универзитетски студии сè повеќе стануваат интердисциплинарни. Денес е невозможно да се замисли медицината без физика, биологија и хемија, биологијата без физика, хемија и математика, инженерството без физика, математика и информатика, економијата без математика статистика и информатика… Предлагачите во Концепцијата како да слушнале дека постои потребата од интердисциплинарност, па во самата Концепција ја нагласиле потребата од интердисциплинарност, критичко размислување и решавање комплексни проблеми. Но, токму дисциплините што се основа за тие способности се редуцираат во завршните години. Ваквата ситуација укажува на логичка контрадикција и елементарно непознавање на современите образовни политики. Интердисциплинарност не се создава со тоа што ученикот ќе престане да учи физика, хемија, биологија или информатика! Таа се создава кога ученикот ги учи сите овие дисциплини доволно долго и доволно длабоко за да може да ги поврзе.
Светот веќе влегува во ера на: вештачка интелигенција, квантни технологии, биоинженерство, производство на „зелена“ енергија, дигитална медицина и во вакви услови, образовните системи во развиените држави инвестираат милијарди во зајакнување на STEM образованието. За разлика од тоа, предложената Концепција овозможува модел што ќе создаде генерации кои ќе заостануваат векови според нивните знаења на научните дисциплини токму во годините кога нивната когнитивна зрелост овозможува најдлабоко нивно разбирање. Ризикот од последново не е само образовен, туку за жал и национален и егзистенцијален. Гимназијата не е само училиште! Таа е систем за производство на идни лекари, инженери, програмери, иноватори, наставници и научници. Секое системско слабеење на научната основа во гимназиското образование неизбежно ќе се одрази на универзитетите, индустријата, здравството, технолошкиот развој и секако економската конкурентност на државата. Образовните системи што ги намалуваат научните дисциплини во општото образование не стануваат поиновативни, туку, на против стануваат поранливи. Историјата е полна со примери на цивилизации кои исчезнале најмногу како резултат на тоа што заостанале во својот научен и технолошки развој. Најдобар пример е Западното Римско Царство чие уништување најмногу се должи на немањето развиена експериментална наука, немање на технолошка индустријализација ниту пак каков било систем за технолошка иновација.
Развојот на една држава и нејзиниот напредок се постигнува со изучување на базичните науки врз кои се надоградува инжинерството и технологијата. Доволен доказ е пакетот од 878 милијарди долари кој треба да го добие во следните неколку години Елон Маск од компанијата „Тесла“, што претставува повеќе од 100 буџети на Република Македонија. Сите имаме некаква претстава што произведува „Тесла“ и кои се нејзините технолошки успеси, а чисто се сомневам дека задолжителното чистење на училишниот двор, садењето на дрвја и задолжителното учество на гимназијалците во училишниот хор, бенд или мултимедијален клуб ќе придонесе за научниот и технолошкиот развој во Македонија и нејзиното опстојување како држава во иднина.
Предложениот модел на гимназиско образование, со концентрирање на базичните предмети во првите две години и нивно ограничување во третата и четвртата година, носи сериозен ризик од структурно намалување на потребата од наставен кадар во природно-математичките дисциплини. Намалувањето на фондот на часови директно значи и неможност да се постигне наставната норма, а во помалите училишта и помалите градови тоа може да доведе до укинување на цели работни места. Особено ранливи се наставниците по физика, хемија, биологија и информатика кои според предложениот модел нивните предмети се сведуваат на избор во завршните години. Во систем во кој бројот на паралелки веќе е ограничен, секое дополнително намалување на часовите неминовно создава вишок наставен кадар и ризик од технолошки вишок, што не е само кадровско туку и сериозно егзистенцијално прашање за наставниот кадар. Елементарна статистичка анализа покажува дека од секоја помала гимназија (до 4 паралелки) намалувањето на фондот на часови од природните науки ќе води до создавање на 1 до 2 наставници кои ќе бидат вишок, додека пак во поголемите гимназии со (над 8 паралелки) 3 до 5 наставници ќе останат без настава.
Покрај директниот ризик од губење на работни места, предложените промени можат да предизвикаат и долгорочна демотивација и несигурност кај наставниците, што негативно ќе влијае врз квалитетот на наставата. Наставничката професија бара стабилност, континуитет и предвидливост, бидејќи наставниците вложуваат години во специјализирано образование и професионален развој. Ако системот сигнализира дека цели предмети може да се сведат на маргинален избор или да исчезнат од наставниот план, тоа испраќа порака дека стручноста и долгогодишниот професионален труд се несигурни. Ваквата неизвесност не само што го загрозува статусот на постојните наставници, туку и ја намалува привлечноста на наставничките студии за идните генерации.
Имајќи ги предвид овие ризици, како и пошироките структурни слабости на предложената Концепција, неопходно е итно повлекување на документот од понатамошна постапка и започнување процес на изработка на нов, квалитетен и системски заснован концепт за гимназиско образование. Новата концепција треба да биде базирана на долгорочни статистички анализи, меѓународни компаративни студии на успешни образовни системи, потребите на високообразовните институции и пазарот на труд, како и на вклучување на универзитетските експерти, наставничките факултети и струковите здруженија во процесот на нејзино креирање. Само ваков научно и институционално заснован пристап може да гарантира стабилен, одржлив и квалитетен систем на гимназиско образование што ќе ги штити и учениците и ќе ја обезбеди нивната иднина.
(В.И.И.)





