Проектот за ТВ-серија „Авантурите на една турбо фолк принцеза“ на „ОХО продукција“ награден во Сараево

Проектот „Авантурите на една турбо фолк принцеза“ на Андреј Волкашин и Петар В’лчев, ја освои наградата на Хрватскиот аудиовизуелен центар, што ја доделува во рамките на наградата CineLink индустриски денови на 29. Сараевски филмски фестивал. Наградата им беше врачена на продуцентите од „ОХО продукција“ и има вредност од 15.000 евра. Серијата е копродукција помеѓу Македонија и Бугарија.

Оваа програма на Сараевскиот фестивал ги наградува најдобрите проекти што се во развој од Југоисточна Европа.

Серијата го следи патот на шармантната и несмасна девојка Васка во остварување на нејзиниот сон да биде балканска музичка ѕвезда, потпомогната од нејзината избувлива менаџерка Ебони. Овој телевизиски проект, кој се развива во изминативе 2 години, годинава веќе имаше едно успешно претставување на интернационален филмски форум во Будимпешта, каде го привлече вниманието на продуценти и селектори на програми од Централна и Источна Европа.

„Авантурите на една турбофолк принцеза“ е серија на кој работиме веќе подолго време и сме многу возбудени што ќе имаме можност да го презентираме проектот токму на филмскиот фестивал во Сараево, како водечки регионален настан, бидејќи сметаме дека овој проект има полн капацитет за регионална соработка и успех – вели продуцентот Пеце Талески.

Нашата продуцентка и актерка Лабина Митевска беше член на едно од жиријата на  копродукцискиот маркет, заедно со Елени Чандриноу, грчка национална претставничка на „Еуримаж“ и Оливер Нојман од „Фрајбојтер филм“.

Сподели