Култниот филм „Мементо“ на Димитрие Османли денеска во 16.30 часот по локално време, ќе биде прикажан во престижниот Музеј на модерната уметност МoМА во Њујорк, во рамките на ретроспективата на филмовите на југословенскиот бран Black Wave to White Ray. Ќе бидат прикажани 15 филма според изборот на Мина Радовиќ, историчар на филмот и еден од организаторите на изложбата.
Филмот на Османли е љубовна приказна што станува дневник на сеќавања за Скопје по земјотресот во 63-та година. Во филмот напишан од Османли, Јован Бошковски и Ташко Георгиевски, играат: Стево Жигон, Драги Костовски, Нада Гешоска, Тодор Николовски и други.
Ретроспективата ќе опфати филмови на Душан Макавеев, Александар Петровиќ, Живојин Павловиќ, чии дела се бават со табу темите како што се сексот, војната и општественото оттуѓување со карактеристичен црн хумор и брилијантни инвенции во кинематографска форма. Иако многу од овие филмови биле забранети или цензурирани од социјалистичките власти, тие привлекле доволно меѓународно внимание да постигнат доза на слобода незамислива во другите земји на источниот блок. За жал, многу од овие филмови исчезнале од дистрибуција кога националната влада се срушила меѓу граѓанските војни во 1990-тите.
За Данас.рс, Радовиќ ја спомнува и Кинотеката на Македонија, заедно со другите кинотеки и филмски центри од земјите од поранешна Југославија, без кои оваа ретроспектива не би се случила.
Идејата на концептот е на луѓето да им се приближи и да ги запознае со разновидноста, убавината, единствената длабочина и неверојатна широчина на југословенското филмско создавање во 60-тите години, од самите почетоци на новиот филм во делата на Петровиќ и Боштјан Хладник, до славниот црн бран на крајот на деценијата.
Терминот Црн бран почнал да се користи во 1969 година и го осмисли Владимир Јовичиќ, од презир кон тогашните филмови на југословенската кинематографија, која, според неговото мислење, станала нездраво фиксирана на мрачната страна на човечкото искуство.
На оваа ретроспектива претходнла меѓународна ревија посветена на југословенската кинематографија, што Радовиќ ја организира за фестивалот Il Cinema Ritrovato во Кинотеката во Болоња, минатата година.