Проекција на документарецот „Тата“ на Лина Вдови и Раду Чорнициу

Во киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар во Скопје, утревечер во 20 часот ќе се одржи проекција на документарниот филм „Тата“ на Лина Вдови и Раду Чорнициу, копродукција помеѓу Романија, Германија и Холандија. Проекцијата е во рамките на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“, во рамките на програмскиот сегмент „Зимски МакеДокс“. Влезот е слободен, а по проекцијата ќе се одржи дискусија со режисерите и со експерти на темата.

По години отуѓеност, Лина Вдови, новинарка од Молдавија добива видеопорака од својот татко, мигрантски работник во Италија. На видеото се гледаат модринки на неговите раце. Со скриена камера, таа тргнува по правда, но и по многу подлабока, лична вистина. „Тата“ е интимен и суров документарен портрет на семејство заробено во генерациски образец на насилство, токсична машкост и тишина. Снимен во Италија, Молдавија и Романија, филмот ја следи ќерката која се обидува да го прекине циклусот – за себе, за следната генерација, па дури и за оној што ја повредил.

Режијата, сценариото и камерата во филмот се на Лина Вдови и Раду Чорнициу, на монтажата работеле Ана Фабини, Андреј Горган, Ципријан Цимпои, Делија Онига, звукот е на Хуго Дијкстал, а музиката на Јерг Фолерт. Филмот е реализиран во продукција на „Манифест филм“ во копродукција со „Корсо филм“.

По светската премиера на Торонто интернационален филмски фестивал (ТИФФ) во 2024 година, филмот бележи учество на значајни фестивали за документарен филм и за човекови права, а добива награди на фестивалите во Краков, Трст, на ФИПАДОК, на „Верзио“ во Унгарија, на „Астра“ во Романија.

Проекцијата и дискусијата на „Зимски МакеДокс“ се реализираат во партнерство со проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“ и Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД).

Сподели